КОД: Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Чавков и Грујевски го следеле „Диво насеље“ во МВР. Груевски им се криел на амбасадорите, на телефонот се јавува

Во вечерашното издание на емисијата „Код“ беа откриени повеќе детали за „Диво насеље“..

Пред да се случи Гошинце и „Диво Насеље“, водачите на групата Мирсад Ндрецај и Бег Ризај биле во Швајцарија и во Прага, Чешка. Ндрецај патувал со македонски пасош, на име Беким Реџепи, а со негова слика, издаден во 2009 година. Во оваа година имаше локални избори, каде еден од кандидатите за градоначалник на Струга беше Фијат Цаноски, кој се жалеше на закани помеѓу двата круга од изборите. Токму тогаш во овој град била група од Косово, меѓу кои и двајцата водачи на кумановската група. Изворите на Код велат дека двајцата пред изборите престојувале во изнајмен стан спроти Рамстор Мол во Скопје.

По изборите, на 10 април заминуваат и од тогаш никој не ги видел. Токму тоа е датумот кога се случи спектакуларниот грабеж на Прокредит банка во центарот на Скопје, а разбојниците избегаа во Косово. Не е познато дали овие двајца биле дел од грабежот.

Пасошите останале со нив па во март 2015 година Ндрецај патува за Швајцарија со македонскиот пасош. Тие оствариле средба со Албанец, бизнисмен во Чешка, близок пријател на политичари и бизнисмени во Македонија.

Во јавноста се ширеа шпекулации дека во Швајцарија и Чешка е договорена зделката, за големи пари да предводат илегална акција во Македонија.

Акцијата, според информациите на Код била подготвена набрзина, а специјалците кои биле на терен, немале никакви податоци за групата.

На 12 припадници на единицата „Тигар“ им било кажано дека одат да уапсат двајца нарко дилери, а всушност од снимките од дрон се гледа дека се работело за 43 терористи. Тие биле пречекани во заседа па тројца загинале веднаш кога пристигнале. Потоа, уште еден напад се случува при предавањето на дел од терористите, кога биле убиени уште 4 специјалци при апсењето. А уште еден бил убиен од бомба.

Штабот кој ја раководел полициската операција во Диво Насеље се состоел од Груевски, Мијалков, Чавков, Јанкуловска, Грујевски…

Телефонот на Никола Груевски ѕвонел постојано, а го барале повеќе амбасадори. На повиците одговарал шефот на кабинет, Мартин Протоѓер.

Мијалков одвреме навреме се повлекувал од просторијата за да разговара на телефон.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top