Кога ќе има вакцина против Ковид 19 за сите?

Американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на американскиот Центар за контрола и превенција од болести, Роберт Ридфилд, имаат различно мислење за тоа кога на американците ќе им биде достапна вакцина против коронавирусот..

Трамп смета дека може да се стигне до почетокот на ноември, а Ридфилд вели дека вакцина, достапна за сите, може да има најрано во средината на наредната година.

Што значи – вакцина достапна за сите?

Вакцина достапна за сите, - тој термин значи дека ќе може да се вакцинира секој што сака. Моментално во Соединетите Американски Држави нема одобрена вакцина против Ковид 19, а нема ни во ниедна друга земја, освен во Русија. Меѓутоа, руската вакцина не ја има поминато третата и последна фаза од тестирањата.

Експертите проценуваат дека во САД би требало да бидат вакцинирани 70% од 330-те милиони американци, за да може да се смета дека е постигната општа имунизација, односно стануваат имуни доволен број луѓе за да се спречи ширењето на инфекцијата и врз оние кои не биле вакцинирани.

Колку време е потребно за да се постигне колективен имунитет?

Повеќето вакцини кои се развиваат, ќе се даваат во две дози, односно, вакцинација, па по извесен преиод, уште една доза. Фармацевтските компании Пфицер и Модерна би можеле да произведат 35 до 45 милиони дози од потенцијалната вакцина во САД до крајот на годинава, проценува американскиот Центар за контрола и превенција од болести.

Фармацевтските компании се пооптимистички и проценуваат дека би можеле да произведат околу 300 милиони дози до крајот на годинава. Како и да е, да се обезбедат доволно дози за да бидат вакцинирани сите, или повеќето американци, би можело да трае до втората половина од 2021-ва година, оцени Роберт Ридфилд.

Кој прв ќе ја добие одобрената вакцина?

Во САД, приоритетно ќе бидат вакцинирани здравствените работници и другите вработени во клучни служби, како и ризичните пациенти. Не е јасно кога би можеле да бидат вакцинирани и децата, бидејќи тие досега не беа вклучени во тестирањата од последната фаза. Компаниите Пфицер и БионТех веќе побараа одобрение за да почнат да регрутираат доброволци, помлади од 16 години, за тестирање на вакцината.

Извор: Радио Слободна Европа


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top