Кој добива, а кој губи на претседателските избори?

Пишува: Никола Ставрески - Мелбурн.

Граѓанското здружение „Разбуди се“ ги повика Албанците да ги бојкотираат претстојните претседателски избори во Македонија.

Тие најавуваат дека ќе покренат цела кампања за да ги убедат гласачите Албанци да не гласаат на изборот за шеф на државата. 

Од „Разбуди се“ ги повикаа и другите организации од албанското цивилно општество, Исламската верска заедница, како и албанските медиуми, на заедничка работа за да се „оневозможи избор на претседател на Македонија којшто е неприфатлив за Албанците“. 

Според нив, ниту еден претседател на државата не може да биде легитимен претставник без албанските гласови и сметаат дека во иднина, претседателот треба да се избере во Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство. 

Ова сценарио можеби за многумина е ненадејно, но сепак можеше да се очекува.

Нема ништо спорно да се повикува на бојкот на гласање, исто како и да се повикува да се гласа за некој кандидат. 

Но, тука постојат две дилеми. Зошто оваа организација би ја повикувала дури и ИВЗ да помогне во бојкотот и второ, чие е ова сценарио? 

Кога се сака да се вмеша религијата во политиката тогаш мора да станува збор за нешто сериозно, или во најмала рака насила да се стори тоа. 

Некој сака да изврши притисок врз верниците муслимани, преку ИВЗ која важи за доста моќна кај албанското гласачко тело.

Дека ова е работа на политиката е јасно, но зошто и која партија ова би го посакувала? 
ДПА на Мендух Тачи барем досега била транспарентна и јавна. Таа не би се криела зад овој повик. 

Но ДУИ секогаш играла со скриени намери. 

Според наши сознанија Албанците ке се соединат со заеднички кандидат, а тоа би бил Исмаил Дарлишта кој моментално работи како судија во Уставниот суд на Република Македонија.

Гледајќи дека се повеќе македонските партии се одалечуваат од консензуалниот каднидат тие превземаат и други мерки. Со еден збор - вршат уцена. Ова им е јасно и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. 

Затоа и премиерот Груевски рече дека доколку ова се случи тоа ќе биде грешка за албанските партии. Зошто? ВМРО-ДПМНЕ е победник во секоја ситуација без разлика на политчките потези кои ќе ги влече ДУИ. 

Во овие околности кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ е пред победа. 
Работата е само дали победата ќе биде огромна или пирова, но сепак е победа. Сето тоа, пак, зависи од цензусот. 

Сепак доколку се случи да нема цензус и претседател да не биде избран, претседателот на Собранието ја превзема улогата вршител на должност Претседател на Република Македонија. Значи политичката состојба, ако остане ваква, оди во полза на ВМРО-ДПМНЕ. 

Прашање е што ќе се случи во иднина ако се препушти местото спикер во Собранието на Албанец и Албанците постапуваат со истата тактика, тоа значи дека претседателот на Собранието ќе игра двојна улога и тоа Претседател на Собранието и Претседател на Државата? Многу добро смислена тактика, но дали некој ќе му ја довери таа чест лично, не верувам.

Тешко би можело да се претпостави дека СДСМ може да направи некаков посериозен исчекор гледајќи ги последните анкети. 

Ако се оди, пак, како што треба излезноста е особено важна во вториот круг од претседателските избори, каде што е предвиден цензус од 40 проценти од вкупниот број запишани гласачи во избирачкиот список за гласањето да се смета за успешно. 

Тоа значи дека во вториот круг ќе треба да излезат 697.362 избирачи, а победничкиот кандидат треба да освои најмалку 348.682 гласа.

 И за крај. Можно ли е да се избере консензуален претседател во Македонија? 

Можно е, но, треба да се смени Уставот. 

Дури тогаш партиите може консензуално да се договораат во парламентот, затоа што во парламентарниот систем, Претседателот нема големи овластувања, тој е обединувачки фактор и предоминантно делува врз основа на својот авторитет отколку со надлежностите што ги има.

Но, вака како што е, мали се шансите, бидејќи сепак гласачите се тие кои одлучуваат. 

Затоа сите математики на ДУИ во овој момент изгледаат нерешливи или лузерски. 
Но, политиката познава секакви калкулации, а само на денот на изборите вистината секогаш излегува на виделина.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top