Кој друг ако не тој: Роналдо со својот гол му го донесе Суперкупот на Јувентус

На „Кинг Абдула“ стадионот во Џеда, фудбалерите на Јувентус славеа со 1:0 против Милан и со тоа дојдоа до трофејот во Суперкупот на Италија..

Во воведните минути неколку шанси имаа играчите на „Старата дама“, се закануваа Даглас Коста и Дибала, за во 17. минута одлична прилика да има и Кансело, но мрежата на „Росонерите“ остана недопрена.

По ова играчите на Милан заиграа нешто подобро, одличен обид имаше Кастиљехо, но ја префрли топката преку голот на од работ на шестнаесетникот, за Јуве да поведе во 35. минута преку Матуиди, но погодокот на францускиот репрезентативец оправдано беше поништен поради офсајд.

Во судиското надополнување Милан ја имаше најдобрата шанса, Чалханоглу шутираше од солидна позиција, но Шчесни успеа да го скроти неговиот удар.

На самиот почеток од вториот дел, голема шанса за „Росонерите“. Кутроне прифати топка во казнениот простор на Јуве и ја погоди пречката.

Се играше 59. минута кога Роналдо беше во добра позиција на спротивната страна, но Донарума успеа да ја сочува својата мрежа по обидот на Португалецот.

Сепак, само две минути подоцна, голманот на Милан беше немоќен. Идеален центаршут на Пјаниќ, Роналдо успева да избегне офсајд замка и непречен со глава го матира Донарума за 1:0.

Неколку минути подоцна и Дибала постигна погодок, но и овојпат линискиот судија беше во право, Матуиди беше во офсајд пред да ја проследи топката до Аргентинецот.

Се беше јасно во 73. минута, невнимателен старт на Франк Кеси, судијата Банти ја погледна снимката и потоа донесе одлука да му покаже директен црвен картон.

Лоши вести за Јуве дојдоа во финишот, Даглас Коста се пожали на повреда, па на теренот го замени Кедира.

Милан се обидуваше да дојде до гол и со играч помалку, но нападите на играчите на Милан беа прилично јалови не помогна ни Игуаин, кој заигра од 71. минута.

На крајот победа за Јувентус, херој е Роналдо, кој така го освои првиот трофеј со „Бјанконерите“.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top