Кој е бизнисменот Иван Савидис кој во март со пиштол влета на натпреварот ПАОК-АЕК, а сега праќа пари во Македонија?

Откако Зоран Заев изјави дека дел од навивачката група Комити добивала пари од руски бизнисмен за да протестира против Договорот со Грција, OCCRP објави дека според документи од МВР рускиот бизнисмен Иван Савидис кој живее во Грција исплатил 300.000 евра..

Иван Савидис или Савиди стана актуелен во светската јавност откако во март во натпревар од грчкиот шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и се упати кон судиите да ја земе правдата во свои раце. По ова, тој доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а требаше да плати и 100.000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата.

Освен ПАОК, Савидис поседува дел од солунското пристаниште, дневниот весник Етнос, неделникот Етнос, дневниот весник Имерсија, многубројни магацини, тутунска компанија, минерална вода, хотелот „Македонија“, локална телевизија… Според Форбс, тој поседува 1,9 милијарди долари и е еден од 30-те најбогатите Руси.

Пријател е и со рускиот претседател Владимир Путин, а бил пратеник во рускиот парламент од 2003 до 2011 година како член на неговата партија Обединета Русија.

Но, ова не е единственото негово „вмешување“ во грчко-македонскиот спор и Договор. Во јануари годинава неговиот весник Етнос спинуваше изјава на грчкиот премиер Алексис Ципрас во чувствителна фаза од македонско-грчките преговори. Имено, Етнос објави наслов „Македонската нација никогаш не постоела“ како најава за интервјуто со Ципрас кое требаше да го објави наредниот ден. Кога интервјуто беше објавено се испостави дека целосната изјава на грчкиот премиер е „Македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top