Кој функционер во Владата на Заев направил најмногу трошоци

Владата во првите шест месеци од своето владеење потрошила 21 милион денари или повеќе од 344. 000 евра..

Оваа сума, според министерот без ресор, Роберт Поповски, е двојно помала од парите што ги потрошила владата на Груевски во висина од речиси 700 илјади евра.

Министрите во новиот кабинет предводен од Заев, најмногу пари потрошиле во ресторани или во мензи што се сместени во институциите каде што работат.

Според податоците на владиниот сајт http://vlada.mk/otchetnost-troshoci, највисоки трошоци во првите шест месеци пријавил  премиерот Зоран Заев, во висина од 50 илјади евра. Половина од нив или 25 илјади евра се трошоци направени во ресторани или во бифеа, помала е сумата за авионски карти и за хотелско сместување. Заев потрошил и помалку од 3 илјади евра за подароци за странски делегации.

За ресторани, од министрите на ДУИ, најмногу има потрошено министерот за економија Крешник Бектеши, вкупно 14.000 евра, по него се министерот за правда во оставка, Биљал Салији со 12. ооо евра и министерот за животна средина Садула Дураку, кој во ресторани потрошил 8.300 евра.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи има пријавено трошоци во висина од 27 илјади евра, од кои 11 илјади евра се направени во ресторани.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров потрошил околу 26 илјади евра – за авионски карти биле платени 16 илјади евра, а за хотелско сместување 3 илјади евра. За ресторани и мензи во институциите- скоро 2. 400 евра. Угостителски услуги во странство- 1.500 евра, а за услуги во надворешни угостителски објекти- 1.300 евра.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top