Комисијата го одзема имунитетот на пратениците

Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, се на чекор да го загубат имунитетот и мандатот како народни избраници..

По кратка дискусија, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања одлучи да им го симне имунитетот на овие пратеници од опозицијата, осомничени за инволвираност во упадот во Законодавниот дом на 27 април.

Сега на потег е спикерот Талат Џафери кој според собранискиот Деловник треба да закаже пленарна седница на која ќе се потврди одлуката од Комисијата. ТВ 21 од високи собраниски избори дознава дека пленарката за имунитетите ќе се одржи утре напладне.

На денешната седница во салата Борис Трајковски не присуствуваа четворицата членови на Комисијата кои се од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Збор зеде единствено Александар Кирацовски од СДСМ, кој истакна дека институциите мора да го решат овој случај, и правдата да почне подеднакво да важи за сите.

„Ситуацијата е многу чиста. Фактите се очигледни, аргументите се поголеми од сите нас. И покрај се лично уште кога се избираше Владата, им простив на нашите колеги и пратеници од сегашната опозиција, сите кои што учествуваа во овој немил настан затоа што човечки е да се прости, затоа што видов дека ниту самите тие не биле свесни во каква игра биле ставени, и што се можеше да се случи, но видов дека и тие никогаш нема да му простат на тој кој што им дал наредба да се впуштат во нешто од кое што ќе се срамат и ќе се каат целиот свој живот“, вели Кирацовски.

од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа преку писмено соопштение во кое што стои дека денешната одлука е базирана на желбата за политички реваншизам на СДСМ а нивното отсуство од комисијата било со цел да не се дава легитимитет на како што велат противуставните одлуки на Комисијата.

„СДСМ сака да не постои опозиција во Република Македонија, ниту во Собранието, ниту надвор од него. Тие се спремни да го прекршат Уставот, законите, Деловникот, да ги загрозат основните човекови права, да го нарушат достоинството и честа на сите кои не мислат како нив“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Универзитетската професорка Гордана Силјановска вели дека во овие моменти правото мора да се почитува токму од тие кои ги носат законите и кои треба да бидат пример за спроведување и почитување на законските одреди.

„Добро беше укажувањето на претседателот на Собранието, иако не беше во Македонија, тој на некаков начин повика на потребата од почитување на правото во вакви тешки деликатни случаи“, додава Силјановска.

Утринава од Основниот суд Скопје 1, соопштија дека судијата на претходна постапка утврдил дека има опасност осомничените да се дадат во бегство, да фалсификуваат или уништуваат траги или пак да делуваат на сведоци, па затоа се одлучиле веднаш да определат мерка притвор за шесте осомничени пратеници.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top