Конечно крај на сагата: Јунајтед и Спортинг се договорија, Фернандеш доаѓа на „Олд Трафорд“

Преговорите траеја со недели и месеци. Манчестер Јунајтед упорно се обидуваше овојпат да го сочува имиџот на клуб кој знае што прави и да не се расфрла со пари, но кога ќе дојде до преговори, тука Англичаните се сепак Англичани..

На крајот по се судејќи го извлекоа своето. Сите водечки португалски медиуми пренесуваат дека Спортинг конечно дал зелено светло за трансферот на Бруно Фернандеш на „Олд Трафорд“.

Можеби не извлекоа 70.000.000 евра фиксно како што бараа уште на стартот на преговорите, но „Лавовите“ можеби ќе добијат и повеќе. Бидејќи и „А Бола“ и „Рекорд“ и „О Жого“, па и најдобро известените британски медиуми, тврдат дека Јунајтед на крајот прифатил формула 55.000.000 плус 5.000.000 плус 5.000.000 плус 15.000.000!

Тоа значи дека фиксниот дел од обештетувањето изнесува 55.000.000 евра, а овие два следни бонуси кои вкупно носат 10.000.000 евра спаѓаат во категоријата лесно остварливи. Уште попрецизно, првите 5.000.000 Јунајтед ќе ги исплати ако Фернандеш одигра одреден број натпревари за англискиот тим, а другите 5.000.000 ќе се активираат ако во текот на траењето на договорот Јунајтед избори пласман во Лигата на шампионите.

А со оглед на тоа дека Фернандеш ќе потпише договор на четири и пол години, за очекување е дека Јунајтед сепак ќе дојде до Лигата на шампионите во тој период, без оглед на тоа колку е тешка ситуацијата во моментов.

Последните 15.000.000 евра од бонусите веќе спаѓаат во групата „тешко остварливи“, бидејќи е потребно или Бруно Фернандеш да ја освои „Златната топка“ или Манчестер Јунајтед да ја освои Лигата на шампионите. Тоа е во некоја друга перспектива, но не е невозможно, а веројатно на „Олд Трафорд“ не би имале ништо против да платат и повеќе само за да се остварат и двете сценарија.

Самиот играч во Манчестер ќе заработува меѓу 4.000.000 и 4.500.000 евра по сезона.

Останува уште капитенот на Спортинг да каже „да“. Можеби Барса се вмеша во последен миг, но во Манчестер очекуваат Фернандеш да им се приклучи веќе утре, бидејќи имаше договор со Јунајтед уште од претходно.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top