Конгрес на Виножито во Горно Врбени, полицијата ќе го блокира најавеното доаѓање на Златна зора

Национална и јазична различност за развој, а не за дискриминација. Признавање на македонското национално малцинство. Воведување на македонскиот јазик во јавниот едукативен систем..

Одржувањето на конгресот е најавено со голема парола закачена во центарот на селото Горно Врбени (Ксино Неро) на која пишува - „Силно! Напред! Успех!“. Оваа парола закачена среде село на грчки и на македонски јазик веднаш го привлече вниманието на локалната полиција и на локалните политичари кои до доцна во ноќта преговараа со организаторите на конгресот паролата да се тргне. Тоа до рано утрово не беше сторено.

Локалната полиција има задача и да ги запре најавените автобуси со припадници на неофашистичката партија Златна зора.

На денешниот конгрес, претседателството на партијата ќе поднесе извештај за досегашната работа, а ќе се изврши и избор на нови членови во највисокото партиско раководство.

Се разбира дека и за Виножито неизбежна тема е Договорот од Преспа. За овој договор претседателството на партијата на 19 август се изјасни дека се против каква било промена на уставното име на Република Македонија. Тоа значи и дека се против Преспанскиот договор, но не и против дијалогот помеѓу двете држави.

Се очекува и денеска таа позиција да биде потврдена, со истакнување на обврската на поединци да го почитуваат партискиот став. Ова индиректно се однесува на Павле Воскопулос, членот на претседателството на партијата, кој досега неколку пати изјави дека го поддржува Договорот од Преспа.

/mkd.mk


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top