Коронавирусот стигна во Африка

Подмолниот патоген Sars-CoV-2 пристигна на африканскиот континент. Египет ја пријави првата инфекција од новиот коронавирус. Кинеските власти, пак, потенцираа дека ја држат епидемијата под контрола..

Египет го потврди првиот случај на корона вирусот и соопшти дека во прашање е странски државјанин кој се наоѓа во изолација во болница.Министерството за здравство објави дека веднаш е известена Светската здравствена организација и се преземени сите неопходни мерки. Не е наведена националноста на заразеното лице ниту други детали, освен дека пациентот е во стабилна состојба. Овој случај на коронавирус е прв на африканскиот континент. Експертите и африканските лидери изразија загриженост оти вирусот, ако  се прошири таму, би можел да предизвика хаос во помалку развиените земји кои имаат и помалку здравствени ресурси.

Во Кина од коронавирусот, пак, досега, починаа 1.523, а заразени се 66.492 лица, соопшти претставникот на Националната здравствена комисија Лијанг Ванијан.

Станува збор за 2641 случај на новозаразени. Оваа бројка е значително помала од оние во претходните денови, откако се применува поинаков метод за дијагностицирање. Бројот на нови починати пак се зголеми за 143, повеќето од нив во провинцијата Хубеи.

Во главниот град на оваа провинција, Вухан, каде епидемијата започна во декември, досега починале 1.123 лица,.Во меѓувреме, на сите граѓани кои од празниците или од одморите се враќаат во Пекинг им е наложено да останат во карантин - или дома или да се пријават на 14 дневно колективно набљудување.

„Оние кои одбиваат да прифатат да останат дома или на централизирана опсервација и на други мерки на превенција и контрола ќе бидат санкционирани со закон“, се наведува во соопштението на работната група за превенција на вирусот во Пекинг.

Во 24 други земји се регистрирани речиси 450 случаи, а три лица починаа од последиците од коронавирусот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top