Косовскиот државен врв се сретна со делегација на американскиот Cовет за безбедност

Претставници на Националниот совет за безбедност на Соединетите Американски Држави беa примени денеска во кабинетот на претседателот на Косово Хашим Тачи, на средба на која присуствуваа и претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај.

Шефот за европски прашања при американскиот совет Џон Ерат и членот на Советот Вилиам Беркли пред денешната посета на Приштина, вчера и завчера престојуваа во Белград, каде што се сретнаа со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и со други претставници на српските власти.

Харадинај, кој прв го напушти денешниот состанокот, не даде изјава за медиумите, но „Газета Експрес“ дознава дека тој повторно го одбил американскиот предлог за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Малку подоцна Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека на средбата со американските претставници нагласил оти „Косово е подготвено за законски обврзувачки договор со Србија кој ќе резултира со меѓусебно признавање во постоечките граници, односно со признавање на Косово од 17 февруари 2008 година“.

– Исто така, Косово е подготвено за преземање на правата и обврските од зачленувањето во НАТО, во Обединетите нации, Европската унија и другите меѓународни организации, како и за добрососедски односи, напиша Харадинај.

Останатите учесници на средбата за сега немаат дадено изјави за текот и евентуалните резултати од средбата.

Посетата на американската делегација на Србија и Косово се реализира во време кога Вашингтон го зголемува притисокот врз Приштина за укинување на спорната такса, со цел да се одблокираат преговорите со посредство на ЕУ за решавање на споровите меѓу двете земји.

Додека Харадинај е решителен во одлуката таксата да не се укине се додека Србија не ја признае независноста на Република Косово, претседателот Тачи инсистира да се исполни барањето на САД и на ЕУ, со цел да продолжи дијалогот со Белград, кој одбива да седне на преговарачка маса се додека Владата во Приштина не ја повлече одлуката за таксата.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top