Крај на хрватската бајка, Франција по 20 години повторно е светски шампион!

Дојде крајот на хрватската фудбалска бајка на ова Светско првенство, откако Франција триумфираше во финалето на „Лужњики“ со 4:2..

Вистински спектакл приредија Хрватска и Франција во финалето, но на крајот „Триколорите“ се тие кои се радуваат на светската титула, додека Хрватите секако остануваат почесни шампиони со подвигот и малото чудо кое го направија со самиот пласман во финалето.

Хрватска беше подобриот противник во поголемиот дел од овој натпревар, но Франција го искористи максимално сето она што им се пружи на овој натпревар, па заслужено на крајот славеа со 4:2, иако резултатот можеше да биде сосема поинаков и да заврши во сечија корист.

Французите први поведоа на овој натпревар и тоа во 18. минута од мечот, а стрелец беше Марио Манџукиќ, кој си постигна автогол по центаршутот на Гризман, отако врз него претходно беше досуден можеби и непостоечки прекршок.

Сепак, Хрватите покажаа дека имаат силна психа и продолжија со својата игра да напаѓаат и да прават притисок кон противникот, а сето тоа резултирше со прекрасен гол на Иван Перишиќ во 28. минута.

Но, Французите повторно, од нигде никаде, дојдоа до нов погодок за водство, овојпат преку Гризман во 38. минута по пеналот кој го направи токму Перишиќ. Тоа беше првиот удар на Франција во рамките на голот дотогаш, воедно и единствен во првото полувреме, па со 2:1 се замина на паузата меѓу двете полувремиња.

Во вториот дел Хрватска тргна силно и со притисок кон противникот, но, како и во првото полувреме, Франција беше таа која дојде до нов гол. Пол Погба испрати топка кон Мбапе на крило, овој продре кон шестнаесетникот, го проигра Гризман, а овој ја врати топката кон Погба кој биеше со десна од прва, но неговиот удар беше изблокиран, но доби втора шанса, па со лева ја затресе мрежата на Субашиќ.

По ова Франција заигра нешто подобро, Хрватите се загубија на теренот, па по само 6 минути игра Мбапе ја најави светската титула за Франција со голот за 4:1.

Но, за драма се погрижи Уго Лорис кој по навидум една безопасна топка вратена кон него, тој искомпликува и му подари гол на Марио Манџукиќ.

До крајот на натпреварот Хрватите притискаа, но немаа конкретни шанси за погодок, Франција рутинирано го доведе мечот до крајот и дојде до втората светска титула во својата историја, по онаа освоена на домашен терен во 1998. година.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top