Криминалците во затвор, мафијата на слобода

Колумна на Беса Арифи..

Во услови на долго и тешко нефункционирање на правната држава луѓето со право стануваат цинични. Така, еден од најпогодените твитови во врска со апсењето на Катица Јанева беше објавувањето на една саркастична фотографија од некој свечен настан во која фотографија Мијалков му вели на Камчев: „Началниче, ние дома, а Катица во Шутка.“, на што Камчев одговара „Криминалците во затвор!“. Да не беше трагично ќе беше многу смешно. Но далеку сме од комедија, туку сме на работ на општо и сеопфатно лудило.

Каков е тој обвинител кој прима поклон во вредност од 5000 евра од контроверзно лице како Боки 13? Каков е тој обвинител кој одлучил да го продаде својот интегритет за мебел? За мебел?! Колку луди треба да бидеме сите ние да веруваме дека навистина целава бркотница се случи за помалку од 300.000 денари колку што чини гарнитурата на Кате од Natuzzi?

И да е точно дека Катица се продала за толку пари, ова е крајно неприфатливо и непростливо. Не вреди никакво оправдување дека некои други украдоа милиони и милијардни евра додека пак Катица отиде во притвор за 5000 евра. И едно кафе испиено од обвинител а частено од осомничен е дело на корупција, а кога тоа кафе е испиено од специјален обвинител кој ја добил таа функција со големи маки и со цел да гони токму коррупција и висок криминал, тоа кафе станува отровно, не само за обвинителот туку за целиот правен систем. Нема како да не се сеќавам во овој контекст на сцената од филмот „Воклот од Волстрит“ кога детективот и неговиот партнер одат кај лицето што се сомничи за големи финансиски злоупотреби кој нив ги чека во неговата јахта, со гламурозен ручек со кавијар и ракови, со убави придружнички и екстравагантни пијалоци како и со „скромна“ понуда за финансиска „помош“ која неколку пати ги надминува месечните плати на детективите, а со која успешниот бизнисмен сака да ја „олесни“ чесната работа на државните институции и вршителите на службена должност. Детективите прво се ослободуваат од придружничките кажувајќи дека за овие работи треба сами да разговараат, а потоа, без да пипаат ништо од храната или пијалоците гледаат до каде е отидена работата и си продолжуваат со нивната истрага се додека не излезат со целосно обвинение според кое бизнисменот-убавец завршува со затворска казна и со враќање во буџетот на парите добиени на криминален начин. Филмот завршува со сцена во која детективот се враќа дома со метро, облечен во своето старо одело иако многу лесно можел да премине на другата страна на законот, да вкуси малку од тој кавиарот сервиран во јахтата и да има покомотен живот. Таа сцена е јасен показател зошто во некои земји законите важат, а зошто во други не.

Да гониш криминал е избор кој човекот го прави при одлучување во врска со својата животна професија. Кога еден зрел човек избира која ќе биде неговата животна професија треба претходно да си ја решил суштинската дилема во својата глава: дали сака да биде богат или сака да врши некоја благородна мисија. Ако сака да биде богат, има многу професии што тоа го овозможуваат: разни бизниси, финансиско работење, банкарство, капитални инвестиции, креативни иновации, претприемништво, итн. Но ако човекот сака да работи за јавното добро и да биде платен од јавни пари, од парите на буџетот на граѓаните, тогаш не може во исто време да биде и богаташ капиталист и да ја врши јавната служба чесно и совесно. Професиите како: учител, лекар, судија, обвинител, министер, пратеник, итн. Не се професии при чие вршење човекот станува богаташ, туку се професии каде човекот чувствува задоволство бидејќи работи за јавното а не приватно добро. Затоа овие се тешки професии кои бараат огромно пожртвување и алтруизам и во нивна суштина никогаш не се парите туку е службата. И затоа се викаат професии на јавна служба.

И еве ја таа што требаше да и служи на правдата, специјалната обвинителка, која одлучи да ја однесе правдата по ѓаволите за некаков мебел од Natuzzi. Всушност треба да чекаме да видиме што ќе каже судот за оваа работа, ама сепак, не е дека многу чекавме да ги обвиниме Груевски и компанијата уште кога ги слушнавме бомбите. Бидејќи некои работи се јасни пред било каква постапка, како што Јанева јасно се слуша да преговара преку Боки 13 со осомничен во нејзин предмет.

Се сеќавам на зборовите на еден јавен обвинител од САД кој пред неколку години држеше предавање за студентите на УЈИЕ каде објасни дека за да се разбере како една држава се справува со корупцијата, треба да се добие одговор на две суштински прашања:

  1. Колку осомничени државни функционери издржале казна затвор?
  2. Колку од тие функционери се од владеачката гарнитура?

Колку државни функционери издржуваат казна затвор во ова држава може да се бројат на прсти. Од сите обвинети од СЈО, некои избегаа, некои се во домашен притвор, некои се ослободија, некоја се спаси со породување и двајца без тројца издржуваат по некоја казна. Полесно беше Катица да се стави во притвор од Сеад Кочан на кого му се укина притворот кога истиот беше во бегство. Полесно уште еднаш име ќе менуваме отколку тие што се огрешија пред законот во минатото да добијат и да издржат затворски казни. И ете се случува специјалната обвинителка да оди во притвор многу порано од лицата осомничени, обвинети или осудени во нејзините предмети. Во ред, ова е навистина добар доказ дека нештата не се исти како порано кога Зврлевски со недели не можеше да биде разрешен од неговата функција а камо ли да одговара, на пример, за тоа што бараше ослободување од притвор на осомничен бегалец. Ова е навистина добар доказ дека се стеснува кругот на недопирливите. Меѓутоа, се надевам дека „гарнитурата“ на Катица Јанева нема да биде единствената која ќе одговара за инволвираност во овој случај, и дека сите други инволвирани, без разлика кои се тие, ќе се соочат со правдата.

Очекувам овој да биде моментот кога Јавното обвинителство за организиран криминал ќе почне истрага и за Зврлевски, и за Вангеловски, и за Иванов и за сите други политичари, судии, обвинители и други лица за кои има докази дека се огрешиле пред законот.

Извор: Нова ТВ


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top