Кризата мрдна од мртвата точка

Повеќе од три месеци по одржувањето на предвремените парламентарни избори, вчера имаше настани што навестуваат можна разврска на институционалната и политичката криза во земјава..

Откако претседателот Ѓорге Иванов го одложи планираниот пат за Австралија, а еврокомесарот Јоханес Хан најави дека во вторник ќе допатува во Македонија, СДСМ поднесе иницијатива за свикување продолжение на конститутивната седница на парламентот, на што поранешниот претседател на Собранието и претседавач на конститутивната седница на актуелниот парламентарен состав Трајко Вељаноски за вторник напладне закажа координација на претставници на политичките партии застапени во законодавниот дом. 

Паралелно со овие случувања, двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжија со секојдневната размена на веќе познатите пораки и меѓусебни обвинување, а продолжија и протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. 
Иницијативата на СДСМ ја поднесе Оливер Спасовски, генералниот секретар на партијата, кој вчера се обрати од собранискиот прес-центар. 

- Повеќе да нема од никого изговори и дилеми за обезбеденото парламентарно мнозинство и тука ги доставивме 67-те пратенички потписи, и покрај тоа што Деловникот не го бара тоа и не налага таква обврска, за да продолжи конститутивната седница. Очекуваме Трајко Вељаноски веднаш да свика продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Конечно оваа клучна институција како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија треба да почне да функционира затоа што мора да работи и да функционира во интерес на државата - порача Спасовски.
Спасовски додаде дека првиот чекор ќе биде избор на нов претседател на Собранието, истакнувајќи дека тоа ќе отвори пат за Зоран Заев да го добие мандатот за состав на влада. Тој одговори дека досега немаат договор со ВМРО-ДПМНЕ околу членовите во Комисијата за избори и именувања, но дека очекува да се свика координативен состанок пред да се одржи седницата. Спасовски порача и дека, иако нема рок до кога Вељаноски треба да ја свика седницата, очекува тоа да се случи наскоро.

И лидерот на партијата Зоран Заев вчера одговори дека следните чекори се довршување на конститутивната седница и формирање влада, повторувајќи го својот став дека биле неразумни аргументите на Иванов за да не го додели мандатот.
- Денеска во Собранието на Република Македонија ми беше доставено барање од 67 пратеници за закажување на продолжение на конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав, започната и прекината на 30 декември 2016 година. Од тие причини, а по извршените консултации со овластените претставници на политичките партии застапени во парламентот, закажав координативна средба за вторник, 21 март 2017 година, во 12 часот. На координативната средба треба да биде утврден предлогот за состав на комисијата за прашања на изборите и именувањата, кој ќе послужи како основа за закажување продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија - се вели во соопштението од Трајко Вељаноски, претседавач со конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав. 

Иако иницијатива за свикување седница можат да поднесат 20 пратеници, сепак откако СДСМ го најави овој чекор, од Собранието соопштија дека Вељаноски како претседавач ќе бара конкретна информација дека се обезбедени најмалку 61 потпис за да ја свика. Станува збор за продолжение на седницата што беше одржана на 30 декември, во рамките на уставниот рок од 20 дена за конституирање на Собранието по изборите. Тогаш само се верификуваа мандатите на 120-те нови пратеници и, спротивно на практиката од претходно, не следуваше избор на претседател на парламентот и составување на парламентарните работни тела. Бидејќи никој немаше мнозинство, во наредниот период следуваа преговори меѓу партиите што освоија места во Собранието за формирање коалиција или за воспоставување соработка што ќе овозможи избор на спикер, како и избор на влада, за што се потребни најмалку 61 глас.

Од Европската комисија, пак, потврдија дека комесарот Хан ќе допатува во Македонија во вторник, заедно со пратениците Кнут Флекенштајн, Едвард Кукан и Иво Вајгл. Се очекува тие да се сретнат со претседателот Ѓорге Иванов и со партиите што освоија места во законодавниот дом. Исто така, се очекува тие да го повторат веќе познатиот став на ЕУ дека треба да се признаат резултатите од изборите и брзо да се формира влада.

Извор: Нова Македонија


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top