Крвав инцидент поради знаме - албанската полиција уби Грк

Припадници на албанската полиција убија Грк недалеку од границата на двете држави, откако тој претходно отворил оган кон нив..

Константинос Кацифас (35) со „калашников“ пукал кон албански полицајци кои сакале да го тргнат грчкото знаме поставено на воените гробишта кај селото Буларат, недалеку од границата со Грција, јавија албанските медиуми.

Инцидентот се случил во моментот кога жителите на ова село, од кои мнозинството Грци, го одбележувале влегувањето на Грција во Втората светска војна во 1940 година. Откако пукал, Кацифас избегал во шумата во близина. Полицајците успеале да го стигнат по што почнала престрелката во која тој бил убиен.

Кацифас, по потекло Грк, бил роден во Буларат, но од скоро живеел во Атина.

Грчкото министерство за надворешни работи реагираше со соопштение во кое наведе дека е неприфатливо тоа што операцијата резултирала со загуба на човечки живот.

„Чекаме информација од албанските власти за околностите под кои грчкиот државјанин го загуби животот и тогаш ќе ги преземеме неопходните чекори“, се наведува во соопштението.

По убиството, членови на ултранационалистичката партија во Грција „Златна зора” протестираа пред албанската амбасада во Атина. Албанските медиуми наведуваат дека Кацифас бил нејзин член.

Албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати, изрази жалење за настанот и за политизирање на случајот во соседната земја.

Во неговата изјава се додава дека албанската полиција детално објаснила дека ова е целосно изолиран настан и флагрантен случај на агресија врз албанската полиција. Тој навел и дека Албанија е безбедна и мирна земја за сите нејзини граѓани, вклучувајќи ги и оние од грчка националност.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top