Курти нов премиер на Косово, си го зема и Блерим Река за министер

Со 66 гласа ЗА и 10 воздржани, пратениците во косовскиот парламент доцна попладнево ја изгласаа новата Влада на премиерот Албин Курти..

Во првото обраќање како премиер, Курти рече дека власта е на народот и оти максимално ќе работи да биде во служба на граѓаните. Главна цел остануваат членството во НАТО и ЕУ.

Се колнам пред вас дека ќе го дадам максимумот од способностите и од мојот капацитет за доброто на сите граѓани без никаква разлика. Од денеска без оглед за кого сте гласале, ќе бидам премиер на сите вас и ќе го слушам вашиот глас, особено кога нема да се согласуваме затоа што ние може да имаме различни мислења и ставови, но делиме исти соништа и иднина. Денеска почнува нашиот пат на голема и неуморна работа за да ја донесеме промената која сите ја чекавме и која ù треба на нашата земја. Денеска завршува стариот начин на водење политика преку клиентелизам, фаворизирање и монопол и почнува нова етапа на владеење со достоинство“-изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Пратениците на опозициската Демократска партија на Косово го бојкотираа гласањето, а претходно упатија остри критики кон Самоопределување и Албин Курти.

Албин, од денеска нема да молчиме. Не само што ќе бидете одговорни ти и владејачката каста, туку од денеска и натаму и за тоа како ќе се однесувате и за досегашните обвинувања, нема да молчиме. Токму денес барам да им кажеш на граѓаните зошто имате Влада во ваков состав? Дали ќе се бориш против Србија или против нас преку Специјалниот суд?“-рече Кадри Весели, ДПК.

Заборави дека можеш да склучиш договор со Србија против Косово. Заборави! И да сакаш, нема да можеш. Не можеше тоа да го направи Хашим Тачи, ти па нема да можеш никогаш. Знам дека си дал ветувања, но заборави, бидејќи девојките и момците на ОВК се живи. Никогаш нема да му наштетиш на Косово“-изјави Фатмир Лимај, Иницијатива за Косово.

Според договорот меѓу Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, кабинетот на Албин Курти ќе брои 15 министерства и двајца вицепремиери. Прв вицепремиер е Авдула Хоти од ДСК и Хаки Абази од Самоопределување. Партијата на Курти ќе ги има министерствата за надворешни работи, за европска интеграција, за правда, финансии, економија и здравство, а ДСК – Министерството за образование, за внатрешни работи, одбрана, инфраструктура, земјоделство и Министерството за култура и спорт. Српската листа ќе ги има Министерството за регионален развој и Министерството за заедници, а на Групата 6+ ù припадна Министерството за локална самоуправа.

-Влада на Албин Курти;

Премиер на Косово – Албин Курти (ДСО) Движење Самоопределување

Прв вицепремиер – Авдула Хоти – ДСК

Втор вицепремиер, Хаки Абази – ДСО

Министер за надворешни работи и дијаспора, Глаук Коњуфца – ДСО

Министер за европски интеграции, Блерим Река – ДСО

Министер за правда, Албулена Хаџиу – ДСО

Министер за образование наука технологија и иновации, Хикмете Бајрами – ДСК

Министер за финансии, Бесник Бислими, ДСК

Министер за внатрешни работи и администрација, Агим Велиу, ДСК

Министер за економија, вработување, трговија и индустрија и стратешки инвестиции, Розета Хајдари, ДСО

Министер за одбрана, Антон Чуни, ДСК

Министер за инфраструктура и животна средина, Лумир Абдиџику, ДСК

Министер за земјоделство, шумарство и рурален развој, Бесјан Мустафа, ДСК

Министер за здравство, Арбен Витиа, ДСО

Министер за култура, млади и спорт, Влора Думоши, ДСК

Министерство за локална самоуправа, Емилија Реџепи (Група 6+)

Министерство за заедниците Далибор Јевтиќ – Српска Листа

Министер за регионален развој, Иван Милојевиќ – Српска Листа

За претседател на Собранието е изгласана Вјоса Османи од ДСК. По изборот на нов претседател на државата идната година, кој е договорено да биде кадар на ДСК, тогаш местото претседател на Собранието повторно ќе му се врати на Самоопределување.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top