Лабуристите бараат итно враќање на пратениците во Парламентот

Британските Лабуристи побараа итно враќање на пратениците во парламентот откако вчера Даунинг стрит 10 ги објави своите планови за Брегзит без договор..

Министерот за Брегзит во сенка Кир Страмер оцени дека самиот документ на владата потврдува дека постојат значителни ризици по Обединетото Кралство во случај да ја напушти унијата без претходно постигнат договор. Страмер рече дека пратениците мора да се вратат и дискутираат за плановите на владата и во краен случај да го спречат сценариото за Брегзит без договор.

Вчера највисоката инстанца на шкотскиот цивилен суд пресуди дека одлуката на владата да го суспендира парламентот е незаконска. Конечната одлука ќе ја има Врховниот суд во Лондон на седница која треба да се одржи во најкраток можен рок.

Владиниот план за Брегзит наречен Јелоухамер документ предвидува неколку работи кои се очекува да се случат ако Британија ја напушти унијата без договор. Документот предвидува намалување на одредени видови на прехранбени производи и состојки, зголемување на цените на храната и горивата кое диспропорцијално ќе се одрази на популацијата со најниски приходи, нарушување на внатрешниот пазар кое може да трае до шест месеци и ќе доведе до недостаток на лекови, протести и контрапротести ширум земјата и неколку дневни застои на камиони пред тунелот под Ламанш за преминување кон Франција и ЕУ.

Исто така документот предвидува пропаѓање на некои бизниси, раст на сивата економија и опаѓање на социјалната нега.

Како одговор владата најави дека ќе објави нов документ во кој ќе бидат пресметани новите развои како и мерките кои владата планира да ги преземе за ублажување на ударот врз британското општество.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top