Лавров на Балканот - Заев кај Меркел

Човек да добие комплекс кога руски политичар ќе оди во посета на Словенија. Ем членка на НАТО, ем членка на ЕУ, а има односи со Русија небаре како Србија..

Токму овие две држави деновиве беа домаќини на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. И токму во време кога нашиот премиер,Зоран Заев, беше во Берлин кај канцеларката  Ангела Меркел, посета која има огромно значење.

Министерот Лавров изминативе денови имаше средби со неколку министри за надворешни работи од поранешната Југославија, а беше примен и од првите лица на на тие држави. Најнапред во Минхен имаше планирано средба со босанскиот министер за надворешни работи, а од понеделникот се сретна и со неговите колеги од Словенија и Србија, Карл Ерјавец и Ивица Дачиќ. Лавров имаше средби и со српскиот претседател Александар Вучиќ, а беше примен и од словенечкиот премиер  Миро Церар. Мала балканска турнеја.

Во Словенија Лавров беше дочекан со широко отворена врата. И покрај санкциите од страна на ЕУ кон кои се прилучи и Словенија трговската размена меѓу двете земји е зголемена лани за речиси 25 проценти и достигнува неполни 1,3 милијарди долари. Руски туристи за 33 проценти ја зголемиле посетата на Словенија. Збербанка има удел од над четири проценти во словенечкото банкарство. Во челичната индустрија на Словенија се вложени над 400 милиони долари од руски инвеститори. Над 70 проценти од потребите за гас Словенија ги задоволува од Русија. Отворена е филијала на Московскиот државен универзитет - Ломоносов во Словенија. Се работи на отворање на филијала на словенечкиот Форум на славјанска култура во Москва, има заеднички културни здруженија, се чуват и се подигаат нови обележја со кои се дава почит на загинатите од Русија или СССР за време на двете светски војни...Како може вака да се соработува, а истовремено да си во ЕУ и НАТО и да си вовел санкции против Русија?

Русите сметаат дека Словенија води надворешна политика на начин што соработува со оние држави кои можат на заемна основа да и донесат максимална трговска, економска,и инвестициона полза и друго. И дека како секоја нормална држава, како секој нормален народ, Словенците сакаат да ја сочуваат својата култура и духовен идентитет.

Во Србија, пак, Лавров замина по повод одбележувањето на 180 годишнината од воспоставувањето на дипломатски  врски. И тој повод беше искористен за испраќање на многу пораки. Пред се кон сопствените народи. Но пораки и кон НАТО и ЕУ. Од она што е разговарано се добива впечаток дека ЕУ е во криза во поглед на нејзините политики за Западен Балкан. Но не само таму. На пример во Украина и покрај „нормандската четворка“ во која влегуваат и Франција и Германија, покрај Русија и Украина, работите никако да тргнат од мртва точка во спроведување на „Минските договори“. Пред некој месец  во разврската се вклучија САД со свој постојан претставник за Украина. Очигледно авторитетот на европските држави кај Украинците е намален и тие се повеќе инсистираат на помош од САД. Веројатно надевајќи се дека тие ќе им помогнат повеќе во враќањето на суверенитетот на целата територија, отколку Европа.

Слично стојат работите и со Косово. Лавров од Белград ја прозва ЕУ за неспособноста да ги доведе до крај преговорите меѓу Белград и Приштина, онака како што веќе се постигнати договори. Во Косово има идеи за вклучување на Американците во преговорите. Но слична идеја имаат и Србите, кои би ги повикале Русите на помош во разговорите. И се заради неодлучноста или неспособноста или несакањето на ЕУ да се спроведе она што е договорено меѓу Србија и Косово. Русија оди и подалеку, па од она што е соопштено во јавноста може да се заклучи дека таа ги поддржува Србите во напорите за влез во ЕУ, со надеж дека до тогаш работите многу ќе се променат и од Србија нема да се бара признавање на независноста на Косово. Секако се подржува идејата за неутрален воен статус на Србија, нејзината желба за соработка со Евроазиската економска заедница.

Посетата на Лавров на Србија и Словенија беше најавена преку неговото интервју за српската информативна  агенција „Бета“. Тоа не остави простор за рамнодушност од доаѓањето на Лавров во регионов. Особено за  нас во Македонија.  Интервјуто не може да мине без прашања за проширувањето на НАТО, а Лавров вели дека по завршувањето на „Студената војна“ имало три брана на ширење на Алијансата со нејзината воена инфраструктура која дошла до границата со Русија и покрај џентлменските договори НАТО да не се шири на исток. „Сега во таа игра сакаат да го турнат Балканот, ставајќи ги балканските земји пред избор: „Или сте со Запад или сте со Русија. Таков избор бараа да направи Украина и како резултат дојде...до неуставен државен удар, со нагло зголемување на улогата на радикалите, вклучувајќи ги неонацистите, во внатреполитичкиот живот на нашата соседна земја“. 

Во интервјуто имаше и конкретно прашање за Македонија. Дали Русија ќе се спротивстави на очекуваното нејзино влегување во Алијансата. За Лавров ширењето е грешка, но и нарушување на џентлменскиот договор, чие постоење, според него, сега се потврдува со отворање на архиви во САД. Не одговарајќи директно тој вели дека руските ставови се пренесуваат до нивните партнери на Балканот и понекаде во Европа, сметајќи дека при носењето на своите суверени решенија ќе се води смета за она што сега се случува и колку тоа одговара на длабоките интереси на еден или друг народ.  А на дополнителното прашање конкретно за Македонија, Лавров одговара: „Реков. Ние никого не издвојуваме. Ние зборуваме за она што го гледаме и размислуваме и подготвени сме да ги разгледуваме сите земји. Сметам дека приемот на Црна Гора беше целосно вештачки и непотребен. Обрнавме внимание дека методата на искажување на волјата на народот преку референдум, станува сѐ помалку популарна при носењето на такви, доста судбоносни одлуки“, вели шефот на руската дипломатија.

Се добива  впечаток дека мисијата на Лавров деновиве беше да се „плашат“ оние кои имаат намера да се приклучат кон евроатлантските интеграции. И во интервјуто за „Бета“ и во изјави во Словенија и во Србија и на средбата со студентите во Белград, Лавров не престана да зборува за лажниот избор „или Запад или Исток“ не само на Балканот. Тој постојано тврдеше дека токму така поставеното прашање било една од причините за длабоката криза, читај војна, во Украина. Што сака говорникот да каже? Во прв ред дека, еве Македонија, на пример,може да се најде во таква длабока криза или војна! Реално гледано состојбите во Украина и во Македонија, речиси од прогласувањето на независноста, не можат да се споредат. Во Украина и денес да се одржи истражување тешко дека ќе се набере половина од населението кое би сакало државата да оди во НАТО, иако за волја на вистината тој број со тек на време се повеќе се зголемува. Кај нас пак уште од определбата во девдесеттите години за авероатлантски интеграции бројката на оние кои сакаат во нив сеогаш е околу 70 проценти. Исто така Македонија на пат е да ја надмине длабоката политичка криза. Така што освен некоја мала група авантуристи, која би се обидела да направи нешто, тешко е дека ќе може да се зборува за војна во државата. 

Втора работа е референдумот. Лавров, најверојатно поттикнат од разврската на настаните во Црна Гора, забележува дека: „Методата на искажување на волјата на народот преку референдум, станува сѐ помалку популарна при носењето на такви, доста судбоносни одлуки“. И тука Македонија не е како некои други држави. Премиерот Заев и други членови на владата постојано потврдуваат дека за промената на името на државата ќе има референдум. И тоа за прашање за кое нема апсолутно или пресудно мнозинство во општеството. И во ситуација кога негови албански партнери во власта постојано потенцираат дека нема потреба од референдум..Инаку кога зборува за референдум, не е лошо Лавров тоа да им го препорача на неговите раководители во државата. И таму има понекогаш потреба од носење судбоносни одлуки, ама не го прашуваат народот за нив.

Заев беше во Минхен. Тој таму со право потенцираше дека нашата земја нема друга алтернатива освен полноправо членство во ЕУ и НАТО. Повеќе од дваесетина години е така. Нему му останува да го реши прашањето со името кое  на почетокот и созадаваше проблеми на Грција, но со тек на време стана и наш проблем. Ваков дочек, во целост, кај Меркел не се случува често. Може само да се претпоставува неговото значење. Дали Европа конечно ќе се зафати да ги решава проблемите на Балканот, а не во име на стабилноста да ги става во фиока. Па кога ќе почнат работите да излегуваат од контрола, дури тогаш да презема потези против домино ефект. А што се однесува до Русија, Заев и неговото опкружување нека работат на евроинтеграциите, но нека не ја трескаат вратата пред неа. Примерот на Словенија е доволно поучен. 

Извор: Фактор


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top