Лавров: На Западот му се брза со Договорот меѓу Македонија и Грција

На Западот му се брза договорот меѓу Грција и Македонија да се реализира во почетокот на 2019 година, заради што грубо се меша во внатрешните работи на Скопје, оценува рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров..

„Во тек е најгрубо систематско мешање на Америка и ЕУ во внатрешните работи на Македонија. Граѓаните секојдневно беа повикувани на референдумот одржан на 30 септември да гласаат за усвојување на Преспанскиот договор, но тоа не им успеа“, изјавил Лавров во интервју за грчкиот весник Ефимерида.

Првиот дипломат на Руската федерација додал дека македонското Собрание уставните измени ги изгласало преку уцени и подмитувања во кои учествувале и странски дипломати, меѓу кои и од САД. Според Лавров, се уште се вложуваат големи напори договорот веќе на почетокот на следната година да биде доведен до крај.

„Оваа брзаница ја иницираше токму Вашингтон, за Македонија што поскоро присилно да се приклучи кон НАТО“, изјавил Лавров.

Шефот на руската дипломатија ги отфрлил тврдењата дека Договорот и ги отвора на Македонија портите кон ЕУ велејќи дека е општо познато оти преговорите за членство во ЕУ може да траат и неколку децении.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top