Лавров: САД сакаат да ги раскинат економските врски меѓу ЕУ и Русија

Шефот на руската дипломатија ги обвини европските лидери дека ја жртвуваат економијата во интерес на политиката..

Со воведувањето на новите санкции кон Москва, САД сакаат да ги раскинат економските врски што постојат меѓу ЕУ и Русија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

- Америка сака да ја искористи сегашната ситуација со цел Европа економски да ја издвои од Русија и да си обезбеди поповолни услови во пресрет на преговорите за создавање на трансатлантското трговско-инвестициско партнерство, рече Лавров во изјава за руската телевизија „ТВ Центар“.

Според Лавров, со воведувањето на новите економски санкции од страна ЕУ кон Русија, САД се обидуваат да ги натераат Европејците наместо руски природен гас да користат американски гас од шкрилци, чија цена, како што рече, не може да биде конкурентна со цената на рускиот енергенс.

- Несомнено зад сето ова стојат економски интереси, но огромна, па дури и клуча улога имаат геополитичките сметки, потенцира Лавров.

Шефот на руската дипломатија ги обвини европските лидери дека ја жртвуваат економијата во интерес на политиката.

- Во Европа се родени мислителите кои велеа дека економијата ја определува политиката, но сега во ЕУ се случува спротивното - економијата станува жртва на политиката. Тоа меѓутоа не може да трае долго, нагласи Лавров, додавајќи дека Русија е заинтересирана за стратешко партнерство со ЕУ.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top