Левица бара забрана за користење на името ВМРО од страна на политички партии

Освен во надворешната политика, за која ветува целосна промена на курсот, Левица преку своите два пратеника во Собранието навестува дека ќе биде промотор на концепција за драстична трансформација на домашниот политички систем..

Според нивната програма, потребно е ново отворање на Уставот, во кое освен бришењето на „Северна“ ќе треба да ги снема и одредбите кои се рефлексија на Охридскиот рамковен договор.

Тој, како што тврдат, му дава етничко-трибалистички карактер на политичкиот систем на Македонија и тие се залагаат за враќање на чисто мнозинскиот карактер. Врз основа на тоа, тие најавуваат и поништување на двојазичноста, „како резултат на октроираната т.н. тиранска платформа, и враќање на јазичните права на малцинствата во рамки на Уставот“ и укинување на „правичната застапеност“ и позитивната дискриминација по етничка основа и нејзина замена со позитивна дискриминација по социјална основа.

Во тој контекст, идните претставници на Левица, пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов, ќе му предложат на Собранието да ги забрани монолитните и чисто етнички партии и со закон да се обезбеди постоење само на идеолошки профилирана политички партии.

Освен тоа, следејќи ги програмските начела, тие се залагаат за законска заштита и забрана за користењето на името ВМРО од страна на која било политичка партија, фирма или невладина организација, бидејќи тоа име, според нив, се злоупотреба во дневно-политички цели.

Иако во програмата на Левица постои дел во кој се зборува за начинот на кој ќе функционира идната влада, сепак централна заложба на оваа партија е воведување чист претседателски систем, моноцефална извршна власт, само со претседател на Републиката, избиран на непосредни избори, и негов кабинет (без влада).



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top