Лицемерието продолжува (Подмеќу нам клипове, мајку им божју - Ј.Б.Тито)!?

Фејсбук статус на Веле Митаноски.

Пратеници, советници во градскиот Совет на Охрид и други активисти од сега веќе владечката СДСМ, заедно со, сега опозициската ВМРО ДПМНЕ, a која, сепак, ги држи сите конци во овој град, на Илинден, на градскиот плоштад, пред “героите”, заедно, положија свежо цвеќе.

Мирно, достоинствено, надпартиски – сплоетено – зад музичка подлога што ечеше од разгласот:

“Легендарната” песна за Владо Черноземски и кралот Александар!?

Никој не очекува на вмровците, конечно, да им дојде умот, тие знаат 2 август да го слават на 1 август (предвремено како и востанието!?), тие знаат да се гушкаат со Вучиќи Дачиќи (кога тоа им одговара!), тие знаат да одржуваат заеднички седници со српската влада (кога тоа им носи поени!), тие знаат (кога сакаат да покажат лажен патротизам!), одеднаш, да ја свртат плочата,па од преголема љубов, да запеат – во уште преголема омраза!!!

Тоа, не ме изненади, ама, во најмала рака, е чудно, со нив во ист строј, и на ваков начин, да се и оние од СДСМ, од мојата Боречка организација и други освестени, кои добро ја знаат, или, би требало да ја знаат, приказната за “геројството” на Черноземски и неговиот наредбодавач Ванчо Михајлов.

Дрзок, каков што ме дал Господ, таму, на самото место, вчера, им реков: Вам, овде, не ви е местото, пoд оваа музичка завеса!?

Кој знае, можеби погрешив!? И на новинарите не им е местото да се вплеткуваат во настаните, да солат памет, туку само да известат.

За жал, или за среќа -јас така не сум ја подразбирал професијата – новинарство. Таа е тешка, нашиот леб има седум кори, а една од сувите кори ја јадеме поради карактерот на општественоста на професијата, односно педагогичноста.

Белким не ги сакаме само поради парите што ги оставаат тука!? Секој ќе ви каже дека се тие најголеми трошаџии.Особено сопствениците на рестораните.

А, каде ќеми беше емпатичноста: Како ли се чувствуваа гостите од Србија, кои шетаа по плоштадот, по крајезерскиот кеј, или пиеа кафе на бројните летни бавчи!?

Еве зошто:

Атентаторите од песната што ечеше на градскиот плоштад, се четворица терористи, тројца усташи и терористот на ВМРО Величко Димитров Керин, или Владо Черноземски, или Петар Келемен (со лажен чехословачки пасош и со лажно име, испратен по договорот на Ванчо Михајлов и Анте Павелиќ.

Александар Први Kараѓорѓевиќ е убиен на 9 октомври 1934 година. Воопшто не е спорна улогата на Ванчо Михајлов. Не е спорно и тоа дека овој михајловистички “герој” убил многу чесни Македонци,патриоти, носители на идејата за самостојна Македонија.

Спорно, е дали во убиството бил вплеткан и Хитлер лично – операција „Тевтонски меч“?

Во моментот на убиството, Михајлов бил во Истамбул, кај бугарскиот митрополит Андреј Велички, кој во своите спомени запишал: “Михајлов погледна во часовникот и рече:Во овој момент ќе се случи нешто многу значајно за човештвото! Започна броењето на годините. Се начнува календарот на Втората светска војна!“

Михајлов објаснил дека бил организиран атентат врз Александар Први Kараѓорѓевиќ и дека во тој момент српскиот, односно југословенскиот крал веќе е убиен во францускиот град Марсеј.

Kако Ванчо знаел точно до минута што се случува во Марсеј?

Мала лекција по историја, која треба да ја знаеме сите. И соодветно да реагираме.

“Подмеќу нам клипове, мајку им божју!”, ќе речеше, за ова, Маршалот – ако беше жив денес!



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top