Лидерите на двете Кореи потпишаа договор за постигнување мир на полуостровот

Ким Џонг-Ун се согласи да затвори еден од главните севернокорејски полигони за тестирање и лансирање ракети, изјави претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-Ин..

Двајцата лидери остварија историска средба во Пјонгјанг, на која го усогласија начинот на постигнување целосна денуклеаризација на полуостровот. Ким го опиша договорот како „значаен чекор напред кон постигнување мир“.

„Се надевам дека во блиска иднина ќе го посетам Сеул“, изјави Ким, што би била прва посета на еден севернокорејски лидер.

Главниот фокус на самитот беше денуклеаризацијата, процес кој запре откако Ким и Доналд Трамп ги договорија клучните детали на својот историски состанок во јуни. Пјонгјанг сега ја потврди својата посветеност кон овој процес.

„Ким се согласи трајно да го затвори полигонот Тонгчанг-ри и што е уште поважно, тоа ќе биде направено во присуство на експерти од релевантни држави, кои ќе потврдат дека тој веќе не е функционален. Ким се согласи да ја затвори и нуклеарната постројка Јонгбјон, но само доколку САД преземат реципрочни мерки“, изјави Мун.

Пред самитот Ким-Трамп, Северна Кореја го уништи својот главен полигон Пунгје-ри.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top