Лидија Дочовска Павловска објави две нови поетски книги

Со најновите поетски отстварувања, „Ехото на старите патеки – Виа Игнација“ и „Розите на Преспа”, поетесата Лидија Дочовска Павловска продолжи со својот творечки циклус кој е рефлексија на нејзината опсесивна тема – Преспанската тема..

Делата на авторката, позната и под прекарот Преспана, се пишувани на нејзин својствен автохтон израз, како што пишуваат нејзините рецензенти Академик Проф. Д-р. Катица Ќулафкова, Проф.  Д-р. Вера Стојчевска Антиќ, Проф. Д-р. Венко Андоновски, Проф. Д-р. Александар Прокопиев, Проф. Д-р. Чедо Цветановски, писателот Велко Неделковки, писателот Љерка Тот Наумова и други рецезенти.


Лидија Дочовска Павловска – Преспана е член на Друштвото на писатели на Македонија. Иако по професија е дипломиран правник, вработена во МВР, професионалната определба не и’ претставува никаков лимит да го изнесе тоа што го носи во себе и да го сподели со читателите.

Нејзиното творештво секогаш е поврзано со родната Преспа, почнувајќи од историските настани понирајќи во минатото, во митологијата и легендите, ги зачинува со многу поетичност и метафоричност и на тој начин создава мост измеѓу минатото и  сегашноста, или како кажано на современ јазик темите на Дочовска Павловска кореспондираат со нашето време.

Во „Ехото на старите патеки – Виа Игнација“,  Преспана го изнесува својот поглед, филозофија на животот кој има свој почеток и крај, како и патот кој води од Драч до Константинопол исполнет со колоритни животни приказни.

Поетесата како да живеела во времето кога е граден патот Виа Игнација и после долги векови, реинкарнирана го гледа патот од денешен аспект, по кој минувале генерации на луѓе исполнувајќи го просторот со нови и нови содржини, начинот на живот, стилот, начинот на размислување и сопствената филозофија.

Во својот критички осврт на Академик Проф. Д-р. Катица Ќулафкова под наслов „Едно поетско ехо на историјата и интимата”, ќе напише:

“Интимната слика на светот е обележана од силни чувства и изрази на тие чувства на поетесата и митолошки реминисценции, песната се протега меѓу митот, историјата и интимата, триаголник кој ја одредува структурата не само на песните одделно туку и на целината на книгата.”

Со најновата збирка на поеми, легенди и песни, насловена “Розите на Преспа”, во која е внесена и истоимената поема, Лидија Дочовска Павловска прави една симбиоза односно компилација од сопственото творечко истражување, сондирање, во подалечното и поблиското историско минато на Преспанското поднебје.

Секоја една поема за Преспа претставува една роза, а сите заедно, чинат Букет од рози насловен “Розите на Преспа”. Поетесата и самата ќе каже:

“Уште од детството го носев никулецот на Преспанските рози кои после години ги пушти цветовите и го направи буктетот на “Розите на Преспа” .

Рецензентот Слободан Беличански во својот критички осврт че напише:

“Поемата како подолга и посложена лирско епска творба, е привилегија на зрелите, и по возраст и по искуство, мајстори на стихосоздавањето. Авторката Дочовска Павловска  со создавањето на поемата “Ехото на старите патеки Виа Игнација” , покажува и докажува дека ја заслужила таа привилегија и продолжува по патот на своето творечко издигање. Нејзиниот лирско-епски исказ е ризница на грижливо одбрани “алтан зборови” од стариот ковчег на македонското народно и уметничко пеење.”

Вашата читателска љубопитност ќе ја заокружиме со следните стихови на поетесата:

“Издишуваат и камените патеки

од врелото сонце на времето

како вијуги се прпелкаат

оставајќи точки во далечините

-Се свртувам назад,

гледајќи ја правта на патот

ги бришам трагите

на моите стапала

додека ветрот се уште

не ги избришал…

Се ми изгледа нереално…

Почетокот е крај,

а крајот е почеток,

судбината ме донесе

на истото место.”


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top