Ликовна изложба на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло

Изложбата ќе се одржи на 17 јули, од 20 часот, во Куќа Уранија – МАНУ.

Македонската академија на науките и уметностите и општина Охрид, организираат ново, ликовно приопштување на богатиот ликовен опус на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло.

Во среда, 17 јули, во МАНУ-Куќата Уранија, градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески, ќе ја отвори ликовната изложба на Клос, која се организира во рамките на најновата македонска, летна турнеја на Клос.

Отворањето е закажано со почеток во 20,00 часот и е дел од “Научната и уметничка визита – Охрид 2019” на МАНУ.

Изложбата, ќе трае до 24 јули, а потоа, исто така, како проект на општина Охрид и лично залагање на градоначалникот Константин Гeoргиески, во Охрид, ќе биде формирана нова иунституција – постојана изложбена и продажна Галерија.

Просторните и други потребни предуслови ги обезбедува градот Охрид, додека големиот уметник и хуманист, Мајкл Клос, уметничките дела,  ги  дарува без надоместок, со единствена со желба и барање, со собраните средства, да се стипендира еден студент од Охрид.

Мајкл Клос, дел од своја оставнина, како писма, документација и други архивски материјали сврзани со неговиот живот и дело, веќе пренесе во сопственост на Република Македонија.

Станува збор за  многу оригинални документи, дневникот што го водел во три книги, слајдови, каталози, писма до светски лидери со кои лобирал за признавањето на Република Македонија под уставното име, како и една колекција цртежи и слики на платно.

Тоа богатство, најнапред е своина на Охрид, градот од каде потекнува неговата животна и уметничка друшка – Менка Змејкоска Клос.

Мајкл многу ги сака Охрид и Македонија. Не еднаш за него е речено дека е македонски горостас со сите нишани, дури и со растот, додека неговата мисла: “Македонија може да се гради и од Торонто, исто како може да се разградува од среде Скопје“,стана антологиска парадигма.

Михаил (Мајкл) Клос е човекот кој, далеку од овде со себе го носи македонскиот код, само што со него судбината се поиграла на малку посуров начин. Мајка му Стоја Милошеска од Трсија, Леринско, ја напушта родната грутка непосредно по граѓанската војна во Грција, додека е многу посурова судбината и на татко му.

Затоа што сакал да си ја види својата родна грутка, во времето на блоковската поделба и Шелезната завеса, заробен е и осуден да сечеи влечка дрва, високо во планините над Ќустендил.

Веле Митаноски


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top