Лондон и Шкотска бараат специјален статус по брегзитот ако ѝ се одобри на Северна Ирска

Лондон и Шкотска сметаат дека и тие би требало да имаат специјален статус по брегзитот за да можат да останат на заедничкиот европски пазар и во царинската унија доколку тоа ѝ се дозволи на Северна Ирска, пренесува Ројтерс..

Велика Британија наводно се согласила Северна Ирска да остане „регулаторно усогласена“ со Европската Унија по брегзитот за да се избегне „тврда“ граница, соопштија извори од ирската влада.

„Клучната фраза е јасната предаденост на задржувањето на регулаторната усогласеност кога станува збор за правилата на царинската унија и внатрешниот пазар кои се потребни за да се поддржи Договорот постигнат на Велики петок, економијата на островот и границите“, тврдат изворите.

Според нив, ова значи дека Велика Британија се согласила да ги задржи на територијата на Северна Ирска прописите кои се однесуваат на заедничкиот европски пазар и царинската унија, односно слични на оние кои се сега на сила за во регулаторна смисла да нема разлика во одност на правилата кои важат во Република Ирска, односно ЕУ.

„Големи импликации се за Лондон доколку Тереза Меј се согласила дека е можно дел од Обединетото Кралство да остане на заедничкиот пазар и во царинската унија по брегзитот“, искоментира на Твитер градоначалникот на Лондон Садик Кан. „Жителите на Лондон гласаа со надмоќно мнозинство да останат во ЕУ и сличен договор би можел тука да зачува десетици илјади работни места“.

Претседателката на шкотската влада Никол Стурџон исто така смета дека договорот со Северна Ирска би можел да се примени на други делови од земјата.

„Ако еден дел од Обединетото Кралство може да ја задржи регулаторната усогласеност со Европската Унија и всушност да остане на заедничкиот пазар (што е правилно решение за Северна Ирска), сигурно не постои добра практична причина зошто други не би го можеле тоа“, оцени таа на Твитер.

Повеќето Шкоти гласаа на референдумот за останување во ЕУ.

Република Ирска кажа дека нема да се согласи на какви било физички граници, а во тоа има цврста поддршка од Европската Унија.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top