Лудница во Монца: Гасли до прва победа во кариерата, Хамилтон седми, нов дебакл на Ферари

Неверојатна трка на денешната Голема награда на Италија во Монца. Сосема неочекувано на крајот славеше Пјер Гасли од Алфа Таури за кого ова е прва победа во кариерата во Формула 1..

Од самиот почеток беше јасно дека денеска ќе имаме голем број возбудувања. Луис Хамилтон, кој стартуваше од пол позицијата, доминираше на самиот старт, но веројатно ни самиот не очекуваше дека на крајот едвај ќе дојде до бодови.

Лудилото започна веќе по неколку круга кога Себастијан Фетел се откажа поради проблеми со сопирачките. Но, тука не беше крајот на срамот за Ферари кој ја има една од најлошите сезони досега. Имено, на средина од трката Шарл Леклер со многу среќа успеа да дојде до шестата позиција и се чинеше дека ќе го спаси викендот за Ферари. Но, тогаш загуби контрола врз болидот и се заби во заштитната ограда, а трката дури мораше да биде прекината додека не се поправи штетата.

По половина час пауза гледавме нов старт на трката, а во меѓувреме Луис Хамилтон беше казнет поради влегување во боксот во текот на забраната. Тој стартуваше прв и го зачува тоа место, но поради заминувањето во бокс и одработување на казната падна на последното место.

По него на врвот се најде Гасли од Алфа Таури кој имаше одлично темпо. Зад него беше Карлос Сајнц кој имаше пет секунди заостанување, но не се откажуваше. Во самиот финиш предноста падна на само една секунда и се чинеше дека Шпанецот ќе успее да дојде до победа.

Меѓутоа, Гасли одлично го извозе финишот од трката и успеа да ја сочува предноста и да дојде до победата која никој не можеше ни да ја сонува во пресрет на трката. Минатата година на пола сезона Ред Бул го избрка, а денеска Гасли дојде до победа во болидот на Алфа Таури.

Хамилтон успеа фантастично да го извози вториот дел од трката и од последното место на крајот да заврши како седмопласиран со најбрз круг на трката.

Зад Гасли и Сајнц заврши Ленс Строл. По првите тројца следуваа Норис, Ботас, Рикардо, Хамилтон, Окон, Квајт и Перез.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top