MAKEДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА: Грците се добри кумови, но името не треба да се менува

Грците се добри кумови, но името на Репубика Македонија не треба да се менува, сметаат Македонците кои живеат и ден денес во Грција, или потекнуваат оттаму, но поради сплет на околности се иселиле и сега се во дијаспората..

Раскажуваат дека за разлика од порано сега притисоци има многу помалку врз македонското население, но велат дека за грчката држава тие се Грци, а друг проблем е тоа што многу Македонци нема да го знаат мајчиниот јазик, затоа што нема каде да го научат.

„Јас не сакам да се смени името Република Македонија. Зошто да се смени? Како да се вика, Горна или Нова Македонија? Сигурна сум, утре да се смени името, за Македонците ќе остане само Македонија. Македонската душа за ништо не се продава! Македонците во грчката држава, ние не постоиме како Македонци. Во Грција сите сме Грци, нема ништо друго.  Знаете ние немаме права. Ние немаме правао да учиме на македонски јазик. Основно, средно училиште, факултет, радио, телевизија, весници, сè е на грчки. Имам многу пријатели од Република Македонија и тие разбираат колку ни е тешко  да учиме македонски. Но, има и луѓе кои мислат дека ние не сакаме да учиме македонски, што не е така “ – вели Велика Ш, која живее во село близу Солун.

Оваа млада девојка е категорична дека не се лути на Македонија затоа што не се залага за своето малцинство во регионот, но вели дека е гневна  на грчката држава.

„Не се лутам на македонската држава. Што може да направи за нас? Си имате свои проблеми. Сакаме или не, сега живееме во Грција. Се лутам на грчката држава, жалосно е за нашиот народ тука. Можеме ли и ние да ги уживаме нашите човекови права? Моето село е чисто македонско село, голема историја, богата земја, се наоѓа на 14 км од градот. Се викаше Градебор, сега се вика Пенталофос и има околу 2200 жители. Северна Грција има околу 500 села од кои 250 се чисто македонски “ – раскажува Велика Ш.

Гоце Нацев кој потекнува од селото Четирок во Грција кое денес се нарекува Месопотамиа, а денес живее во Германија вели дека тие се за македонски јазик и македонска нација, нешто што Грците никогаш нема да го признаат и прифатат.

„Грците се најдобри кумови, ги крстија планините, селата, реките, па и луѓето. Сега сакаат да ја крстат и државата Македонија. До 23 години јас не знаев да зборувам македонски јазик, но потоа почнав да одам во Скопје кај роднини и се научив. Јас од притисок на работа избегав во 2001 година во Германија. Не се плашам да кажам кој сум и што сум, мене сите ме знаат. Кога бев во Костур ме викаа неколку пати во полиција и ми рекоа да не зборувам многу, но јас си кажувам  кој сум и не лажам. Многу маки поминавме, но од 2000 година е малку послободно. Откако ќе влезам во пензија ќе се вратам во селото“ – вели Нацев.

Раскажува дека многу Македонци од Грција со години се селеле заради притисоци, некои заминале во Бугарија, некои во тогашна Југославија, а дел и подалеку во прекуокеанските земји.

За тоа како живее еден Македонец денес во Грција вели дека доколку сака да се вработи во државно, да влезе во полиција или во некој друг витален сектор, и доколку јасно и гласно кажува дека е Македонец може да има проблеми со грчките десничарски партии.

Извор: Фактор


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top