Македонец го преживеа хоророт со заложничката драма во Најроби

Македонец кој отишил да купи пелени за ќерка си, 20 часа бил во заложништво во трговскиот центар во Најроби, но за среќа, успеал да се извлече.

Триесет и осумгодишниот  Александар Велкоски од Прилеп, 20 часа се обидувал и на крајот успеал да се спаси од милитантите, блиски на Ал Каеда, но останал без пасошот и кредитните картички, објави Канал 5.

„Бев да купам пелени за ќерка ми кога почна пукањето. Маскирани напаѓачи пукаа од калашникови насекаде. Јас тогаш бев на првиот кат и не знам ни самиот како успеав да се извлечам. Околу 20 часа бев во заложништво“, изјавил Велкоски за Канал 5.

Тој раскажал дека се што од тогаш помни се пукотници, експлозии и мртви тела. Велкоски во неделата наутро успеал да извлече жива глава и да го напушти шопинг центарот со првата група ослободени заложници. 

Во целиот хаос тој си ги загубил пасошот и сите платежни картички. Од Канал 5 побарал  помош да биде извлечен од Најроби за да се врати во родниот Прилеп, зашто во Кенија нема македонска амбасада.

Во Најроби дошол на гости кај семејството на сопругата, со која се запознал и се оженил во Катар, каде што тој извесно време живее и работи. 



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top