Македонија го слави 11 Октомври

Македонија денеска го слави Ден на народното востание на македонскиот народ - 11 Октомври..

Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ.

Новитет е што Прилеп и Куманово, градовите каде пукнале првите пушки годинава прв пат заеднички го одбележуваат 11-ти Октомври.

Во чест на празникот на свеченоста од пред меморијалниот музеј „11 Октомври“ за значењето на празникот говореа премиерот, Зоран Заев и градоначалниците на Куманово, Максим Димитриевски и на Прилеп, Илија Јованоски со што и официјално прв пат беше означена заедничката прослава на празникот на двата града. 

„Должни сме да преземеме одговорност за Македонија да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие. Денес сме повторно пред историски избор: оваа генерација треба одлучно и храбро да го направи исчекорот за нашата стратегиска цел во оваа фаза од нашата историја - егзистенција за секого, европски животен стандард, осигурани граници, безбедност и стабилност, признаен идентитет. Сето ова преку членство во НАТО и во ЕУ“- кажа Заев.

Во македонското Собрание денеска ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ за 2018 година.

Добитници на наградата се проф. д-р Драги Михајловски, преведувач и писател, Ристо Лазаров, писател и новинар, Петре Арсовски, актер и проф. д-р Александар Ставридис, хирург – уролог. 

Михајловски, Лазаров и Арсовски наградата ја добиваат за животно дело во областа на културата и уметноста, а Ставридис за животно дело во областа на здравството.

Одлуката ја донесе Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ на својата последна седница.

Државната награда „11 Октомври“ се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија.

Денеска за граѓаните е неработен ден


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top