Македонија ја доби шестата препорака: Еве го извештајот на ЕК во целост

Еврокомисијата, шеста година по ред препорачува дека треба да започнат преговорите за членство, но жали за превземените чекори наназад во изминатата година, се вели во новата препорака за Македонија..

Европската комисија денеска и официјално даде шеста последователна препорака за Република Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Во извештајот за напредокот на земјата во евроинтеграциите, чии клучни делови вчера ги објави МИА, неформалната Влада на Унијата вели дека земјата ги исполнува политичките критериуми да напредува во процесот на пристапување и повторува дека доколку се одвива скрининг-процесот и дискусии со Советот за создавање на преговарачката рамка, би се создал потребниот импулс за изнаоѓање на компромисно и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името, дури и пред отворањето на поглавја од официјалните преговори.

Извештајот за напредокот на Република Македонија е дел од Пакетот за проширување за 2014 година усвоен денеска од страна на Европската комисија. Во пакетот, Комисијата заклучи дека процесот на пристапување е во ќор-сокак, но дека земјата продолжува во доволна мера да ги исполнува политичките критериуми за членство во ЕУ.

- Еврокомисијата, шеста година по ред препорачува дека треба да започнат преговорите за членство, но жали за превземените чекори наназад во изминатата година, се вели во новата препорака за Македонија.

Притоа, ЕК нотира дека Република Македонија беше првата земја што ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ и е земја-кандидат од 2005 година. Оваа година е одбележана и десеттата годишнина од имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, најстара во регионот. Токму заради тоа, „Комисијата препорачува од 2009 година Македонија да се пресели во втората фаза од асоцијацијата“, се наведува во клучните наоди на ЕК за нашата земја.

Во однос на политичките критериуми, неформалната Влада на ЕУ за Република Македонија наведува дека продолжува во доволна мера да ги исполнува политичките критериуми за членство во ЕУ. Во извештајот се наведува дека земјата има завршено дел од реформите во однос на судскиот систем и, генерално, нивото на усогласеност е високо во однос на тоа каде земјата стои во процесот на пристапување. Сепак, се наведува дека постојат сериозни предизвици и дека случувањата во текот на годината го истакнале ризикот од назадување во некои клучни реформски области.

- Постои загриженост за раздор во политичката култура, што е одговорност на Владата и на опозицијата, кои треба да осигураат политичката дебата да се одвива претежно во Парламентот. Постои, исто така, сериозна загриженост за политизација на државните институции и контрола врз медиумите, вклучително и во контекст на изборите како што е соопштено од страна на ОБСЕ/ОДИХР, наведуваат од Еврокомисијата.

Во клучните наоди, официјален Брисел посочува дека фокусот на реформи во Македонија треба да биде на овие прашања, како и на надлежноста и самостојноста на судовите, со цел тие да се справат со растечката загриженост за селективна правда. - Настаните во текот на годината ја покажаа важноста за проактивни мерки за решавање на меѓуетничките прашања, градење на поголема доверба меѓу заедниците, вклучително и преку завршување на прегледот на Охридскиот рамковен договор и спроведување на неговите препораки, се наведува во извештајот.

Исто така, се истакнува дека земјата активно учествува во регионалната соработка и натамошното развивање на билатералните односи со соседите.

- Прашањето за името продолжува да влијае на односите со Грција. Одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи компромисно и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на Обединетите нации (ООН), останува од суштинско значење, порачуваат од ЕК.

Во однос на економските критериуми, се наведува дека економското закрепнување продолжило во 2013 година и финансиската стабилност се задржала, но дека невработеноста, особено кај младите, останала многу висока. Сепак, посочено е дека фискалната дисциплина, како и транспарентноста се влошила. Земјата добро напредува, се вели во извештајот, но треба да се направи натамошен напредок кон воспоставување на функционална пазарна економија.

За справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во рамки на Унијата, Комисијата предлага на среден рок, земјата да спроведе структурни реформи што вклучуваат управување со јавните финансии, повеќегодишно буџетирање и стратешко планирање. Во тој поглед, наведено е дека изгледите за раст и вработување во голема мера зависат од развојот на домашниот приватен сектор и дека за поддршка на ова, постои потреба за понатамошно подобрување на деловното опкружување, вклучувајќи и пристап до финансии.

Кога станува збор за усогласување со законодавството на Европската унија, во извештајот е наведено дека Македонија има широка соработка со Унијата во сите области на правото на ЕУ и е во напредно ниво на усогласеност во поглед на законодавството, политиките и административните капацитети.

- Ова е доволно за земајта да се пресели во следната фаза од процесот на пристапување. Фокусот сега треба да биде на административниот капацитет и координацијата, за да се обезбеди ефективна имплементација. Потребни се понатамошни напори, особено во однос на законодавството во врска со регионалната политика, животната средина и климатските промени, социјалната политика и образованието. Јавната внатрешна финансиска контрола, исто така, треба дополнително да се зајакне и развива во рамките на јавната администрација, посочуваат од Еврокомисијата.

Во заклучоците и препораките од пакетот за проширување за 2014 година на Еврокомисијата, пак, за Македонија се наведува дека процесот на пристапување во ЕУ за земјата е во ќор-сокак. - Непостапување по препораката на Комисијата од страна на Советот значи дека се уште не се отворени пристапните преговори, се посочува во Извештајот. Сепак, од ЕК додаваат дека во исто време, неуспехот на македонската Влада да испорача доволно за голем број на клучни прашања направило штета на одржливоста на реформите и евидентно назадување во некои области.

Комисијата наведува дека натамошен напредок е направен во поглед на реформите на јавната администрација, како и во активната регионална и меѓународна полициска соработка. Посочено е дека земјата одржува високо ниво на усогласување со европското законодавство во однос на тоа каде се наоѓа во процесот на пристапување, посебно што агендата на ЕУ останува стратешки приоритет на земјата.

- Сепак, во изминатата година има сериозна загриженост за зголемување на политизацијата на државните институции и контрола врз медиумите, вклучително и во контекст на изборите како што е соопштено од страна на ОБСЕ/ОДИХР. Довербата во државните институции е нарушена. Се зголемува загриженоста за селективна правда, а состојбата со слободата на медиумите продолжува да се влошува. Последните политички кризи меѓу Владата и опозициските партии покажа дека партиските интереси се повеќе преовладуваат над националните. Одговорност на Владата и на опозицијата е да осигураат политичката дебата да се одвива претежно во Парламентот и да придонесат за создавање на услови за нејзино правилно функционирање, критикува Комисијата во овој дел од Извештајот.

Понатаму, во заклучокот за Македонија се препорачува Владата да осигура дека опозицијата ќе има можност во целост да извршува функција на демократска контрола. Во исто време, Брисел и порачува и на опозицијата дека, исто така, треба да се вклучи конструктивно во демократските процеси. Нотирано е дека Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) не се одржал во текот на изминатата година, а што се однесува до меѓуетничката ситуација, Комисијата предлага да се изгради поголема доверба меѓу заедниците и дека прегледот на Охридскиот рамковен договор треба да биде завршен и неговите препораки да се спроведуваат.

Во заклучокот е посочено и дека останува од суштинско значење да се преземат решителни чекори кон решавање на „прашањето за името“ со Грција и дека неуспехот на страните на овој спор да постигнат компромис, по 19 години преговори со посредство на ООН, има директно и негативно влијание врз европските аспирации на земјата.

- Одлучна акција е потребна, како и активна поддршка од страна на лидерите на ЕУ. Комисијата го повторува ставот дека, ако се одвива скрининг-процесот и дискусии со Советот за создавање на преговарачката рамка, би се создал потребниот импулс што би можел да даде поддршка на изнаоѓањето на компромисно и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името, дури и пред отворањето поглавја од официјалните преговори, препорачува Еврокомисијата.

Генерално, со оглед на кумулативниот напредок што земјата го постигнала, Комисијата смета дека политичките критериуми продолжуваат доволно да се исполнуваат и ја одржува својата препорака да се отворат пристапните преговори, но жали за преземените чекори наназад во текот на изминатата година. Притоа, ЕК ги повикува да се преземат решителни мерки за да се одговори на загриженоста за зголемување на политизацијата и растечките недостатоци во однос на независноста на судството и слободата на изразување, со цел препораката да може да се одржи во наредните години.

- Комисијата останува посветена на помагање во напорите на земјата, вклучително и преку инклузивниот Пристапен дијалог дијлог на високо ниво, со цел решавање на сите реформи поврзани со ЕУ, така што со тоа ќе може да се постигне целосен потенцијал во односите, гласи крајот на заклучокот на официјален Брисел за годинешниот напредок во евроинтеграциите на Република Македонија.

Во однос на стратегијата за проширувањето на ЕУ, Комисијата наведува дека во текот на изминатите пет години го зацврстила кредибилитетот на политиката на проширување и ја подобрила трансформативната моќ преку обезбедување посилен фокус на решавање на основните реформи на почетокот на процесот на проширување. Притоа, се посочува дека Брисел ставил посебен акцент на три столба во овој процес, а тоа се: владеење на правото, економско управување и реформа на јавната администрација.

- Во 2012 година, Комисијата претстави нов пристап кон владеењето на правото, а лани ја утврди рамката за зајакнување на економското управување, повикувајќи се на искуството на Европскиот семестар, а годинава, ЕК одредува нова идеја за поддршка на реформите во јавната администрација во земјите од проширувањето. Трите столба го заживеаја процесот на проширување и тие се поврзани меѓусебно и напредокот во овие области ќе бидат клучни за одредување кога земјите ќе бидат целосно подготвени да се приклучат на Унијата, се вели во генералниот заклучок за проширувањето.

Притоа, Еврокомисијата нотира дека политиката на проширување продолжува да придонесува за взаемна корист на мирот, безбедноста и просперитетот во Европа. Тоа се вели дека ја засилува политичката и економска сила на ЕУ и има моќен трансформативен ефект врз засегнатите земји и дека добро подготвен процес на пристапување обезбедува проширувањето да не биде на сметка на ефикасноста на Унијата.

Пристапувањето, според ЕК е во корист на оние земји кои влегуваат во ЕУ, но и на постојните земји-членки оти трговијата и инвестициите се зголемуваа, а квалитетот на животот на граѓаните се подобрува. Притоа, посочено е дека за земјите од Западен Балкан, јасна перспектива за членство во ЕУ е доделена од страна на земјите-членки на Унијата, што е клучен фактор на стабилност.

- Добрососедските односи и инклузивна регионална соработка се од суштинско значење. Потребни се континуирани напори за справување со билатералните прашања, а надминувањето на наследството од минатото е од суштинско значење во поглед на историјата на овој регион, кој до неодамна го потресуваа конфликти, се наведува во делот за стратегијата за проширување.

ЕК констатира дека проширувањето станало моќен инструмент на надворешната политика на Унијата и дека случувања во соседството на Унијата ја нагласуваат важноста на политиката на проширување, како алатка за натамошно продлабочување на соработката по клучните прашања на надворешната политика.

Комисијата посочува дека билатералниот дијалог за надворешната политика треба да биде подобрен со секоја од земјите од проширувањето и дека надворешната безбедносна и одбранбена политика треба да се однесува на почетокот во преговорите со земјите-кандидати. ЕК ја нагласува важноста на земјите во процесот на проширување за прогресивно усогласување со позициите во надворешната политика на ЕУ и важноста на заедничката безбедносна и одбранбена политика, вклучувајќи, на пример, учество во програмите на Европската агенција за одбрана.

Ова се толкува како порака и земјите-кандидати и останатите аспиранти за членство во ЕУ, да се приклучат кон снакциите на Унијата против Русија.

Исто така, во стратегијата е забележано и дека процесот на пристапување е ригорозен, изграден на строга, но фер условеност, утврдени критериуми и принцип на сопствени заслуги. Ова, посочува неформалната Влада на Европската унија е од клучно значење за кредибилитетот на политиката на проширување, за обезбедување на стимуланси за проширувањето на земјите да извршуваат далекусежни реформи и за обезбедување поддршка од граѓаните на ЕУ.

- Од своја страна, земјите-членки, заедно со институциите на ЕУ, треба да водат дебатата за политичките, економските и социјалните последици на политиката на проширување. Напредок во поглавјата 23 (правосудство и фундаментални права) и 24 (слобода, правда и безбедност) ќе треба да се направи паралелно со напредокот во преговорите во целина. Комисијата потсетува на постоењето на клаузула за „целокупна рамнотежа“ во преговарачката рамка и можност за запирање на преговорите за други поглавја ако напредокот на владеењето на правото заостанува, се вели во стратегијата.

Слободата на изразување и медиумите останува посебна грижа за официјален Брисел, како и подобра заштита на правата на припадниците на малцинствата. А, во однос на зајакнувањето на економското управување и конкурентност во земјите од проширувањето, во заклучоците од извештајот на ЕК се вели дека за земјите од Западен Балкан, Комисијата предвидува подготовка на национални програми за економски реформи од два дела.

Во првиот дел ќе се состои од подобрена верзија на постоечката Предпристапна економска програма за земјите-кандидати и економската и фискална програма за потенцијални кандидати што ќе постави среднорочна макроекономска и фискална политичка рамка, со зголемен фокус на оценување на надворешната одржливост и структурните пречки за раст. Вториот дел, пак, ќе ги покрива структурните реформи кои се секторски во природата и има загриженост за подобрување на конкурентноста и економскиот раст, вклучувајќи инвестиции во инфраструктурната потреби. Во однос на третиот столб од процесот на проширување, поставен од Еврокомисијата, а тоа е реформата на јавната администрација, се вели дека јавниот сервис останува премногу политизирана, како и дека транспарентност, отчетност, професионализам и ефикасност на јавната администрација треба да биде зголемена.

Поддршка на процесот на реформи, зајакнување на функционирањето и независноста на клучните демократски институции во земјите од проширувањето е од суштинско значење, наведува Еврокомисијата. Притоа, истото вклучува обезбедување на конструктивен и одржлив дијалог низ целиот политички спектар, особено во рамки на парламентите. А, исто така, треба да се направи нешто за да се поттикне поволна средина за граѓанските организации.

- Добрососедските односи се суштински елемент на процесот за стабилизација и асоцијација. Потребни се континуирани напори да се надмине наследството од минатото, да се негува помирување и решавање на билатералните спорови меѓу државите од проширувањето со земјите-членки. Билатералните прашања треба да се решат од страна на засегнатите страни што е можно порано и не треба да го запрат процесот на пристапување, кој треба да биде врз основа на воспоставени условеност - наведува Комисијата.

Комисијата бара и поголема соработка на земјите од Балканот, а во исто време го поздравува и Самитот во Берлин во август годинава, што покажа силна политичка поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.

оа, според ЕК, може да биде инструмент за поттикнување на реформите и уссогласување на реалнитњ приоритети за основно поврзување и може да дејствува како поттик во решавањето на нерешените билатерални прашања.
Со цел помош на земјите во пристапнио процес, Еврокомисијата го нотира фактот дека се определени 11,7 милијарди евра за овие земји до 2020 година преку Инструментот за предпристапна помош (ИПА 2).

Инаку, денеска, еврокомесарот за проширување за последен пат ги подготви и ќе ги објави извештаите за напредокот на земјите-аспиранти за членство во ЕУ, бидејќи од 22-ри октомври се очекува нов комесар за соседство и преговори за проширување да биде Австриецот Јоханес Хан. 


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top