Македонија кандидат за проектот на Бил и Мелинда Гејтс за вакцини против ХПВ

До крајот на годината ќе се знае дали Македонија ќе влезе во проектот на Бил и Мелинда Гејтс за донација на деветовалентна вакцина против ХПВ..

Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека овој проект се спроведува преку фондацијата на американскиот милијардер и неговата сопруга и со него ќе биде опфатена по една земја од секој од петте континенти.

„Проектот се спроведува преку Канцер институтот од Америка, сега од нас бараат податоци и до крајот на годината ќе се знае дали нашата земја ќе биде една од петте земји што ќе ја добие новата деветовалентна вакцина против ХПВ, која ќе биде за целата женска популација“, рече Филипче.

Д-р Горан Димитров, гинеколог и претседател на Македонското лекарско друштво, кажа дека лани во земјава има околу 300 новодијагностицирани со рак на грлото на матка, а бројот на смртни случаи од ова канцерогено заболување е околу 150. Тој објасни дека раното откривање на болеста е клучно во лекувањето и ги повика жените да ги прават редовно ПАП тестовите.

„Деветовалентната вакцина е одобрена од СЗО и од Американската агенција за лекови и таа штити од девет вида на хумано-папилома вирусот. Покрај редовните прегледи и вакцинацијата е еден вид превенција против ова канцерогено заболување“, кажа д-р Димитров.

Со организираниот скрининг за рак на грло на матка лани биле тестирани 28.000 жени на возраст од 45 до 64 години.

„85 отсто од тестираните резултатите им биле негативни, кај 15 отсто е откриен ХПВ или Цин1 состојба, додека 2 до 3 случаи годишно со рак на грло на матка се откриваат преку организираниот скрининг“, кажа министерот Филипче.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top