Македонија на дното од регионот според степенот на корупција

Македонија назадува на рангирањето на Индексот за перцепција на корупцијата и е пласирана на 106-то место, додека преходната година беше на 93 то место. Транспаренси рангира вкупно 180 држави..

„Секаде владее корупцијата, мислам дека кај нас најповеќе“, ни изјави просветен работник од Скопје кој не ни го кажа своето име, по објавувањето на најновиот Индекс за перцепцијата на корупцијата во светот во 2019 година на Транспаренси интернешнал, во кој Македонија се најде на дното од земјите од балканскиот регион.

На листата на Транспаренси Интернешенел, земјава е на 106 место од 180 држави, односно Македонија доби 35 поени од можни 100.

Нула поени значи највисоко ниво на корупција а 100 поени најниско ниво на перцепирана корпупција.

Осврнувајќи се на резултатите, на денешната прес конференција претседателката на Транспаренси Интернешнл Слаѓана Тасева изјави дека борбата пртив корупцијата во Македонија назадува дополнувајки дека постои континуиран пад од 2012 година до 2018 кога е забележано подобрување, но во 2019 индексот на перцепција на корупција повторно паѓа.

„Состојбата се врати на она што беше во 2017 година кога сметавме дека има најмала доверба во институциите, но резултатите се такви и денеска. Мерките што се преземаат не се реални и не даваат резултат. Тие укажуваат на влијанија на политиката врз бизнисот и обратно на бизнисот врз политиката. ", изјави Тасева, која на прашање дали случајот "Рекет" во кој е обвинета поранешната обвинителка Катица Јанева, има влијание врз перцепцијата за корупција во 2019 рече:

"Целата ситуција со смалување на ефектите во работата на СЈО има влијание затоа што анализите се правени во 2019 кога се случуваа настаните. Но да не заборавиме дека сепак, довербата во судството е подобрена, иако има пад во економските показатели, демократијата, транспарентноста и инклузивноста на граѓаните", вели Тасева.

Таа укажа дека резултатите од оваа година на Индексот на перцепција на корупцијата покажуваат дека Македонија се вратила на ниво пред изборите и пред промената на власта во 2016 година. Според неа ова треба сериозно да ги загрижи сите во државата, дополнувајќи дека треба да се побара и да се очекува промена на барањата од политичките субјекти пред изборите во април.

Главна препорака на Транспаренси е да се контролира судирот на интереси и финасирањето на политиката.

Од земјите во регионот годинава подобри од Македонија се Босна и Херцеговина и Косово со 36 поени, Србија со 39 поени и Црна Гора со 45 поени, додека Албанија има 35 поени односно ист број како и претходно.

Инаку, по објавата на индексот на перцепција за корупцијата на Транспаренси интернешенел, Радио Слободна Европа, анкетираше неколку граѓани кои освен незaдоволство од тоа што има стагнација зборуваат и за потреба надлежните итно да покажат способност да се борат прoтив овој проблем во општеството.

„Па јас мислам дека 99% граѓаните во Македонија сметаат дека корупцијата не да е висока, туку е највискоа, односно го постигнува највисокиот плафон, што значи дека се треба да се искорени. Сега можеби ќе треба долг период меѓутоа мора од некаде да се почне“, ни рече еден граѓанин на Скопје.

Серат Кадриовски од Скопје исто така смета дека состојбите се влошени.

„Се зголемува, нема намалување. Пред 20 години имаше ама во многу мал обем, функционираше и закон и судство, сега ако си корумпиран, ако имаш во судот, гледаш што прават - старо делo три години отиде, тие ситни што се корумпирани ги ставаат во ќорка“

Инаку генерално, извештајот на Транспаренси Интернешнал покажува дека во голем дел од 180-те земји каде се правени истражувања, речиси нема напредок во борбата против корупцијата.

На ранг-листата што организацијата Транспаренси Интернешнал ја прави секоја година, најмалку корупција има во Данска и Нов Зеланд, како и во Финска, Сингапур, Шведска и Швајцарија.

Извор: Радио Слободна Европа


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top