Македонија одговори на недипломатската изјава на Дачиќ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров изрази жалење поради вчерашната изјава на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, според кого Србија направила грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија..

-Тоа не беше коректно кон Грција, изјави Дачиќ на прес конференцијата по вчерашната средба во Атина со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, додавајќи дека „Скопје секогаш имало негативен став кон прашањето за Косово и Метохија“.

– Со Србија заедно бевме во една федерална држава, како Република Македонија и Република Србија и споделуваме толку многу нешта.  Убеден сум дека двата пријателски народа преферираат да имаме односи базирани на заемна почит, разбирање и европски дух. Тоа е добро не само за Македонија и за Србија, туку и за целиот регион. Да не заборавиме, во регионот растеме и паѓаме заедно, се вели во изјавата на министерот Димитров.

Инаку, ова не е прва ваква изјава на Дачиќ. Во јануари во интервју за агенцијата Бета, тој го кажа буквално истиот став:

-Србија направи голема грешка. Цела Европа и светот го користат називот Бивша Југословенска Република Македонија, а ние на нашите браќа Грци им удривме шлаканица и сега очекуваме од Грците да не го признаваат Косово. Македонија ја признавме со тоа што ги навредивме Грците, а Македонците постојано гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, еве ќе употребам недипломатски израз, рече Дачиќ.

Тој тогаш кажа дека „ Белград во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека во други случаи ќе се користи името кое се употребува во ЕУ и во ОН-БЈРМ“.

-Сега ќе кажете дека тоа е освета, не е освета. Тоа е одговорна државна политика. Ако некому не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои се запалени и уништени, и ако тоа не е доволно некој да не биде поддржан за влез во УНЕСКО; тогаш мора да го поставиме прашањето за суштината на нашите односи, изјави Дачиќ во јануари годинава за Бета.

Српските медиуми не ја пренесуваат вчерашната изјава на Дачиќ за Македонија. Јавниот сервис РТС ја пренесува само веста на МИА. Во соопштението од спското Министерство за надворешни работи, само се споменува дека Дачиќ и Коѕиас вчера разговарале и за проблемот со името и за односите со БЈРМ.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top