Македонија побара екстрадиција за скандалозниот екс амбасадор во Австралија Перо Стојановски

Министерството за правда деновиве ги испратило документите за екстрадиција на Перо Стојановски, поранешниот македонски амбасадор во Австралија и министер за образование, до австралиските власти, дознава МКД мк..

Стојановски на 17 септември 2015 година беше осуден во отсуство од скопскиот Кривичен суд на 3,5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања и проневера на пари.

Според постапката за екстрадиција по барање на Република Македонија, ако екстрадираното лице во странската држава е осудено во отсуство во секој случај кривичната постапка ќе биде повторена. Исто така постапката ќе се повтори ако државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство.

Во Австралија не се води судски процес против против Стојановски. Кривичната пријава против амбасадорот, денеска жител на Австралија со т.н. партнер виза, ја поднесе Министерството за надворешни работи.

Во екот на неговите љубовни и финансиски афери во Австралија, МНР најпрво соопшти дека Перо Стојановски е повлечен од амбасадорското место од здравствени причини. Подоцна беше и разрешен, а Стојановски никогаш и не се врати во земјата, туку се прежени и остана да живее во Австралија.

Освен по своите љубовни афери, Стојановски беше познат меѓу Македонците од Австралија и како амбасадор кој барал пари од бизнисмените за да се лекува од рак, болест која никогаш и ја немал.

Откако беше разрешен, во јавноста се појавија неколку поединци, сопственици на фирми кои му позајмиле пари на македонскиот амбасадор за лекување и патувања.

Во случајот со неговата љубовница Лидија Думбалоска и нејзината провала во неговата куќа, амбасадорот Стојановски тврдеше дека во украдениот лаптоп компјутер има податоци што се државни тајни. Подоцна во австралискиот суд се открило дека во компјутерот имал фотографии од малолетната ќерка на Думбалеска.  

МНР за неговата работа спроведе ревизија која регистрира неплатени сметки за телефони, за авионски карти и за хотели, неисплатени плати на вработени, неисполнети ветувања, уништен службен автомобил, амбасадор со две секретарки, украден лаптоп-компјутер, долгови, љубовна афера, ревизија.

Фото: Никола Ставрески

Извор: МКД.мк


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top