Македонка од Австралија обвинета за убиство на мајка си негира: Ја уби провалникот!

Македонката Симона Зафировска (22), која е обвинета дека ја убила својата мајка, Радица Зафировска (57) кршејќи и ја главата со парче паркет во октомври 2016 година во Бризбејн, тврди дека не е виновна, јавуваат австралиските медиуми, објави 24 инфо..

Случајот привлече големо внимание во македонската јавност, а судењето на Симона почна пред десетина дена во судот во Бризбејн. Тогаш медиумите шпекулираа дека мотивите за убиството било несогласувањето меѓу ќерката и мајката, која инистирала на традиционалното воспитување на Радица и не ѝ дозволувала да се однесува како локалните девојки.

Според обвинението, Симона со парче паркет 20 пати ја удрила мајка си по главата додека таа спиела, а потоа повикала полиција тврдејќи дека тоа го направил натрапник што им влегол во куќата. Таа се разбудила од лаењето на кучињата, па повикала полиција.

– Таа се покрила со чаршафот преку главата на креветот бидејќи била премногу исплашена од звуците на движење пред вратата од нејзината соба. Мојата клиентка била премногу потресена и преплашена, а полицијата и покрај обвинувањето за убиство, не пронашла траги од крв на неа кога дошле во куќата. Не смее да се заборави и фактот дека неидентификуван автомобил бил забележан како заминува од улицата критичното утро, изјави нејзиниот адвокат Дејвид Џејмс.

Сепак, на судењето обвинителството обелодени дека мотив за убиството било противењето на Радица ќерка ѝ да замине во Македонија кај нејзиното момче. За таа цел таа резервирала авионска карта за Македонија и чекирала голем багаж за да, како што им рекла во агенцијата, се пресели во Македонија.

Таа пред судот изјави дека не ја убила мајка си, и дека убиецот е провалник кој влегол во нивниот дом. Истото го тврдела и по нејзиното приведување. Сепак, обвинителството инсистира дека Симона е убиецот и дека парчето паркет, пронајдено во нејзината соба е клучен доказ за нејзината вина. За време на судењето била презентирана аудио- снимката од нејзиниот повик на полицијата кој траел 20 минути. Иако обвинителството за парчето паркет долго 87 сантиметри и тешко 1,2 килограми тврди дека тоа е предметот со кој била убиена Радица, на него немало траги од крв или ДНK од жртвата, што, пак, според обвинителството, може да се објасни со временската рамка на настаните бидејчи истото било пронајдено неколку дена по убиството, па обвинетата можела да ги исчисти трагите.

Судењето продолжува со сведочење на околу 60 лица и треба да заврши за еден месец.

Симона била добар студент на еден од локалните универзитети, но во слободно врме работела и како хигиеничарка. Сепак таа наследила и од мајка си куќа, два автомобила и пари на сметка во банка во Австралија, како и автомобил и куќа во Македонија. Според тамошните медиуми, тестаментот на Радица бил отворен по нејзината смрт, а во кој Симона била единствениот наследник. За да го добие целиот имот, ќерката морала да се грижи за својата мајка до нејзината смрт.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top