Македонска Пошта ќе се приватизира или ќе биде јавно приватно партнерство

Македонска Пошта ќе се приватизира или ќе биде јавно приватно партнерство..

Која опција ќе биде избрана зависи од  физибилити студијата која се очекува да заврши до крајот на годината. Без разлика на тоа, владата уверува  дека целосното функционирање на Пошта не е доведено под знак прашалник и дека вработените продолжуваат со работа таму.

„Владата ги задолжи заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министерот за економија и директорот на Национални пошти да иницираат поодготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно-приватно партнерство или со приватизација за да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ“, се наведува во владиното соопштение.

Веќе со години Пошта е во тешка финансиска состојба. Последниот извештај на Државниот завод за ревизија, покажува дека од 2012 Пошта работи со загуба од околу 10 милиони евра. Кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19, а потоа и банкротот на Еуростандард банк ја потона уште повеќе при што и беа блокирани банкарските трансакции.

Во текот на 2018 година Пошта на Северна Македонија остварила вкупен обем од 35 милиони поштенски пратки, при што може да се забележи намалување во однос на 2017 година.
Националната пошта според препораките на Европската Унија требаше да се приватизира одамна, но со години наназад се пролонгира постапката, како и целосната либерализација на поштенскиот пазар. Со последното одложување на либерализацијата направено со законски измени во Собранието пред крајот на минатата година, националната пошта во монополот ќе ужива до крајот на годинава.

Ова не е прв обид за продажба на Македонска пошта. Во 2009 година неславно заврши обидот за влез на Канадска пошта во Македонска пошта – ‘авантура’ којашто ја чинеше државата 208.494 канадски долари. Толку пари им беа исплатени на Канаѓаните кои беа заинтересирани да ја преземат нашата пошта. Државата и претставниците на ,,Канадска пошта” преговараа две години, но на крајот Владата се „пошишмани“.

,,Канадска пошта” понуди инвестиција од 40 милиони евра, а од тогашната Влада ја побара поштата без пари во наредните 20 години, со ветување дека Македонска пошта ќе биде регионален центар и профитабилна фирма.

Македонска пошта е единствен  пример во Европа каде што поштанско претпријатие е во владение на владата.

Владата најавува реформи и во други државни загубари, кои преку јавно-приватно партнерство или приватизација би го надминале проблемот со натрупување на загуби во нивното работење.
„Многу институции самите се за јавно-приватно партнерство, бидејќи не можат да се борат со отворените пазари. Такви примери има многу во Словенија, Австрија, Полска, Германија итн. Тоа е потребно за да имаме квалитетен поштенски сообраќај. Истото може да се случи со ТЕЦ Неготино, Македонски Железници, Еврокомпозит, Колска Велес. Тоа ќе биде една од преокупациите на Владата во следниот период“, изјави премиерот Заев.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top