Македонска собраниска делегација на 129. Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева

Делегација на Собранието на Република Македонија од денеска до 9 октомври ќе учествува на 129. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ) во Женева..

Делегацијата ја предводи пратеникот Јани Макрадули, а во нејзин состав се и пратениците Силвана Бонева, Неџати Јакупи, Имер Алиу, Горан Мисовски и Рејхан Дурмиши.

Како што информира собраниската прес-служба, се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.200 делегати, претставници на повеќе од 120 земји.  

На 129. Собрание на ИПУ ќе се дискутира за бројни прашања поврзани со мирот и човековите права, нуклеарното разоружување и имплементацијата на Резолуцијата 1540 на Советот за безбедност на Обединетите нации за неширење на оружјето за масовно уништување, заштитата на правата на децата, а особено непридржуваните деца мигранти и спречување на нивната експлоатација во состојби на војна и конфликт, развој отпорен на ризици, имајќи ги предвид демографските трендови и природните ограничувања, состојбата и правата на внатрешно расените лица и друго.

Во рамките на 129. Собрание седница ќе одржи и Комитетот на ИПУ за прашања на Обединетите нации, каде што ќе се обратат Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај и Високиот комесар на ОН за бегалци Антонио Гутерес, а ќе биде одржана и панел-дискусија за промовирање на меѓународните заложби и бранење на правата на ранливите групи, со фокус на лицата со посебни потреби.




Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top