Македонските власти се откажаа од македонското малцинство во Бугарија и Грција

Со договорите со Бугарија и Грција, за добрососедство и за промена на името, актуелната македонска власт всушност потпиша дека во тие земји не постои македонско национално малцинство.

Оваа ситуација најдобро ја опиша еден од членовите на партијата на Македонците во Грција Виножито: „Досега Атина не нѐ признаваше. Тоа ни беше и ни е јасно. За тоа и се бориме. А еве сега дочекавме и Скопје да се откаже од нас..., па сега и со тоа ќе се бориме“.

На 3 октомври шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас изјави дека во Грција не постои македонско малцинство. „Грција ја поддржува европската перспектива на Република Северна Македонија, согласно условите од ЕУ, но истовремено е неопходно и целосно и сеопфатно спроведување на Договорот од Преспа. Почитувањето на она што е предвидено во Договорот од Преспа е неопходна алатка за да бараме Република Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски што произлегуваат од овој Договор. Во однос на јазикот на северниот сосед, Договорот од Преспа забележува дека припаѓа на групата јужнословенски јазици и нема никаква врска со грчката Македонија и грчкото наследство од антиката до денес. Овие работи се однесуваат на соседната земја и нејзините граѓани. Околу тоа кои јазици се изучуваат во нашата земја е прашање регулирано со грчките закони. Во случај приватно здружение да се обиде да го предава горенаведениот јазик, ова тело, како и секое друго, треба целосно да ги почитува одредбите предвидени со важечкиот закон. Како што е познато, во Грција не постои македонско малцинство“, одговори Дендиас на пратеничко прашање во грчкиот Парламент.

Оваа изјава на Дендиас остана без соодветен одговор од неговиот македонски колега Никола Димитров. И прашањето на редакцијата на МКД.мк за тоа дали ќе има соодветна реакција од Скопје, остана неодговорено.

А и што може во ваква ситуација да се одговори кога обврската според она што беше потпишано во Преспа од актуелната македонска власт е дека Македонци во северниот дел на Грција не постојат, туку постојат само Македонци го грчко потекло кои го зборуваат грчкиот јазик. Да се потсетиме што пишува во член 7 од Преспанскиот договор:

„1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.

5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни“.

Ова всушност значи дека во Грција нема државјани кои се декларираат дека се Македонци кои го зборуваат македонскиот јазик, туку има само Грци кои се чувствуваат Македонци, ама го зборуваат само грчкиот јазик.

Слична таква дискриминирачка дефиниција е направена и во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Во член 11 од овој Договор пишува:

„1. Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер.

2. Ниту една од Договорните страни нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата од организации и групи, кои имаат за цел извршување на субверзивни, сепаратистички дејствија и дејствија кои се закана за мирот и безбедноста на другата Договорна страна.

3. Двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.

4. Секоја од Договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата Договорна страна, во согласност со меѓународното право.

5. Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија.

6. Двете Договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи“.

Овој Договор сега е допрецизиран со Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент како дел од условната поддршка на Бугарија за датумот за преговори на Македонија за членство во ЕУ. Во овој документ многу појасно се кажува што всушност потпишал премиерот Зоран Заев со неговиот колега Бојко Борисов во 2017 година со Договорот за пријателство и добрососедство.

„Република Северна Македонија безрезервно и итно да ги дефинира позициите и дејствувањата во меѓународните организации и форуми во согласност со член 11 од Договорот за добрососедство, каде јасно се декларира дека нема историски и демографски основи да бара статус на малцинство за која било група граѓани на Република Бугарија. Да не се инструментализираат форматите и мониторинг извештаите на Советот на Европа за притисок врз Бугарија за овие прашања поврзани со правата на лицата припадници на малцинските групи. Република Северна Македонија да испрати вербална нота до членките на ОН дека ќе се придржува кон извршените промени во Уставот во согласност со Преспанскиот договор и стриктно и во целост ќе се придржува кон Договорот со Република Бугарија и во однос на т.н. јазичната клаузула од Договорот“.

Во превод ова значи дека Бугарија сега бара ниту еден македонски дипломат нема да смее да се повикува на извештаите на Советот на Европа за расизам и дискриминација во Бугарија кон македонското малцинство во таа земја, за петата по ред пресуда на Судот за човекови права во Стразбур со која го задолжува Врховиот касационен суд во Бугарија, да ја регистрира македонската невладина организација ОМО-Илинден, за пресудата на истиот суд за регистрација на Домот на македонската култура во Лерин, Грција, за извештајот на независниот експерт за малцински прашања на Обединетите нации Геј Мек Дугал во кој се вели дека Грција треба да се откаже од оспорувањето на постоењето македонско и турско малцинство на нејзина територија и да се фокусира на заштита на правата на самоопределување, слободата на изразување и на здружување на овие заедници како дел од обврските во Декларацијата за правата на човекот.

Или еве уште еден превод на оваа Декларација на бугарското Собрание - Македонците се дел од бугарскиот народ, кои во рамките на комунистичкиот југословенски режим станале македонски народ со вештачки насадена антибугарска свест...

И сето ова останува без никаква официјална реакција на актуелната македонска власт. 

Извор: МКД.мк


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top