,,Макфест” обвини дека навивачите на Вардар го уништиле хитот ,,Признавам”, Росана порача дека и е чест

Безвременскиот хит на сестрите Маријана и Росана, нумерата ,,Признавам,, која беше изведена на фестивалот за забавни мелодии ,,Макфест” во 1988 година, деновиве е повторно актуелен, но како обработка и навивачка химна на ракометниот шампион Вардар..

Обработката е дело на екипа Асови и композиторот Александар Митевски, а е насловена ,,Вардаре не те оставаме”.

Сепак, песната која за кратко време стана доста популарна кај навивачите на Вардар, не им се допаднала многу на одговорните од фестивалот ,,Макфест”. На Фесјбук страницата на фестивалот се објави реакција, во која се тврди дека со обработката се направила вулгаризација и уништување на безвременскиот хит.

-Не e прв пат хитови од Фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест“, со или без согласност да се користат во маркетиншки цели. Последново такво нешто е божемната химна на ,,Вардар“. Всушност тоа е песната со наслов ,,Признавам“ на авторот Тоде Новачевски, а 1988 година на сцената на Макфест ја отпеаја сестрите Маријана и Росана. Овој евергрин имаше повеќе преработки во зависност од мотивацијата на тие што сакале да го имаат овој безвременски хит, на своите аудио и видео записи. Сетоа тоа било во рамки на пристојноста. Но, ова е божемната химна на Вардар, е проста вулгаризација и уништување на овој безвременски, макфестовски хит. Песната од лирична-љубовна, е зорле направена да биде божем химнична. Се отишло премногу во невкус, безгранично во уништување на песната – наведено е во реакцијата.

,,Фокус” стапи во контакт со Владимир Дојчиновски, уметничкиот директор на ,,Макфест” по повод објавената реакција, за која тој вели дека најверојатно доаѓа од советот на фестивалот.

-Мој став е дека за секоја преработка треба да се побара дозвола од авторот, затоа што тоа е дело на интелектуална сопственост. Дали е сквернавење или не, тој одлучува на крајот, иако мислам дека тој што ја преработил имал искрена идеја. Сепак, требало да побара дозвола од авторот за да се стави како химна или како музика за реклама или било која цел, ако се употребува делото, посебно ако се менува текстот – ни изјави Дојчиновски.

-Ја видов реакцијата, штом е ставена на страницата на фестивалот, најверојатно доаѓа од советот на истиот – вели тој.

Официјална инфромација, кој точно од ,,Макфест” стои зад обвинувањата дека песната е вулгаризирана и уништена – нема.

Автор на легендарната ,,Признавам” е композиторот Тоде Новачевски. Песната е еден од многубројните евергрини кои сестрите Маријана и Росана ги оставија во ризниците на македонската песна. Истата доби и рок верзија пред пет години, кога рок бендот SheXpeare ја препеа, и имаше десетици илјади прегледи на каналот Јутјуб.

За препевот ,,Вардаре не те оставаме” кој е актуелен деновиве, Росана Сариќ Тодоровска вели дека се е регурално и кој како сака и како љуби, така нека си ја пее песната.

-Уште вчера ја видов реакцијата на ,,Макфест”. Можам да кажам дека се е регуларно. Навивачите страствени на Вардар дојдоа и ме прашаа за дозвола, а знам дека го прашале и композиторот Тоде Новачевски, и од него добиле дозвола. ,,Признавам” е евергрин за сите времиња и за сите генерации, па се прашувам што има лошо ако сакале да ја направат химна на нашите најдобри ракометари. Таа и како химна на Вардар ќе биде препознатлива и одлична, и пак за сите генерации. Нас ни е чест што песната ,,Признавам” ја препеале нашите навивачи. И композиторот Александар Митевски направи се што можеше во позитивен контекст и апсолутно помогна, знаејќи дека е добиена дозвола од мене, од Маријана и Тоде – ни изјави Росана.

,,Макфест” е најголемиот фестивал на забавни мелодии кој се одржува во Штип со децении наназад и од каде уште во времето на поранешна Југославија излегоа многу ѕвезди. Уметнички директор на фестивалот е Владимир Дојчиновски, а координатор на проектот е Кирил Панајотов.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top