Малчески за Лидер: Вилата „Водно“ не смее да падне, таа мора да остане бастион на Македонските национални интереси!

Професорот и политички аналитичар Самоил Малчески прогнозира успешни избори, нема да има бојкот, Северна Македoнија ќе избере Претседател а тоа ќе биде Сиљановска-Давкова..

За Пендаровски вели дека тоа е човек со елементарно непознавање и некултура и не ја заслужува ниту кандидартурата од партиите кои го номинираа.

Во ВМРО-ДПМНЕ нема поделеност, вели дека има една мала група која е излоирана  со нереални амбиции. Според Малчески, времето на Мицкоски допрва доаѓа, затоа што тој сеуште  работи на санирање на штетите од минатото.  Народот е тој кој ќе ја казни политиката и владеењето на Заев, но ветар во грб треба да биде партијата на Мицкоски кои сериозно треба да работат  и да се подготват за тоа што следува.

Самоил Малчески има членска книшка на ВМРО- ДПМНЕ од 1993 година, но јавноста го запозна како Студентски лидер 2007 кој во својат ,,мандат”  не направи видливи промени за студенсткиот стандард и движење. Во 2010 Малчески станува професор на охридскиот универзитет Св. ,,Апостол Павле”. Во матичната партија  имаше високи позиции, но ,,гласното” зборување против врхушката  на тогашната власт и ,,Груевизмот” го оддалечи од партијата. Сега тој повторно е активен во ВМРО – ДПМНЕ и заедно со раководството се бори против ,,Заевизмот”.

Јавноста Ве запозна како студентски лидер во нереформираната студентска зона. Се изградивите во професор, но и како политичар, а застанавте на страната на реформите во ВМРО-ДПМНЕ. Го криткувавте ,,Груевизмот” но зошто на тој потег се решивте во залезот на неговата кариера?

Па не би се сложил дека тоа беше баш на залезот. Јас бев меѓу првите кои јасно, јавно и гласно му кажаа на Груевски дека тоа што се правеше, не е тоа за што ние се боревме. Впрочем мислам дека на крај и самиот тој сфати дека тие кои му беа најпослушни, додека имаа корист од него, впрочем со нивните лаги и клеветења го доведоа до таму каде што е сега. Несомнено нивното делување нанесе голема штета на ВМРО ДПМНЕ, нешто за што јас во континуитет предупредував.

Како ги коментирате политиките на лидерот Христијан Мицкоски? Сопартијците имаат против, опозицијата го нарече послушникот на Груевски, па дури и денеска обвинуваат дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се креираат во Унгарија. Дали Мицкоски е достоен лидер на партијата?

За власта и не ми е чудно, во немање на резултати најлесно е да се замајува јавноста со евтини приказни. За сега ќе бидам воздржан во своите проценки, има работи кои ми се допаѓаат, има работи кои не ми се допаѓаат. Но, процесот се уште трае и треба да кулминира со усвојување на нов партиски статут. После тоа мислам дека ќе дојдат до израз политиките на Мицковски, а во изминатиот период сметам дека неговата работа се сведува на санирање на штети од минатото.

Се губи ли моќта на ,,моќнотo “ ДПМНЕ? Кој дозволи поделеност во самата партија?

Во ВМРО ДПМНЕ во овој момент според мене нема поделеност. Една мала група со нереални амбиции е изолирана од чесното и искрено партиско членство. Моќта на ВМРО ДПМНЕ е во партиското членство и се додека раководството е во дослух со членството ВМРО ДПМНЕ ќе биде моќна политичка партија.

Но, дали беше така во минатото?

За жал некои партиски функционери партијата си ја сфатија како лична своина и многу ја злоупотребија за свои лични цели и придобивки. Во тој процес најмногу пострада искреното и чесно партиско членство, како и Република Македонија.

Во ек на изборната капмања и пред  самото финале,  дали Македонија ги избра вистинските кандидати за шеф на државата?

Па не сум баш сигурен. Од она што го гледаме со сигурност можам да кажам дека Река и Силјановска-Давкова се изненадување на Македонската политичка сцена, нешто што не можам да го кажам за Пендаровски. Жалосно е човек кој себеси се претставува како Универзитетски професор да покажува толку ниско ниво на знаење, пропратено со елементарна некултура.

Дали ВМРО-ДПМНЕ направи вистински избор со кандидатутрата на Гордана Силјановска-Давкова?

Видете, ние пред се треба да бидеме искрени пред самите себе. Мора да признаеме дека професорката никогаш и не била член на ВМРО ДПМНЕ, но исто така мора да признаеме дека секогаш била на линија на одбрана на Македонските национални интереси. Во период кога власта грубо си поигрува со Уставот и позитивните законски прописи, во време кога гази преку се, ја силува демократијата во државата итн. нас ни треба Претседател кој доследно ќе го почитува и ќе го применува Уставот.

Тука сакам да испратам една јасна порака до сите кои сеуште се мислат, заедно на 30-ти септември ги исцртавме Македонските црвени линии, на 21-ви април и на 5-ти мај мораме да ги потврдиме. Вилата „Водно“ не смее да падне, таа мора да остане бастион на Македонските национални интереси!

Според Вас, дали вториот изборен круг може да не го исполни цензусот и да го донесе спикерот Џафери на функцијата прв човек на државата? Што по тоа?

Според мене во вториот круг ќе има цензус. Единствено проблематично може да биде доколку власта во паника се обиде да спроведе изборен инжињеринг, а последниве денови може да се забележи дека се во паника. Досегашните нивни активности сериозно укажуваат дека нешто матно се спрема. Впрочем, на терен може да се забележат активности од типот на мапирање, врата до врата, 1 + 50 итн. нешто што беше карактеристично за едно минато време и нешто што беше жестоко критикувано од нивна страна.

Зошто се одлучиле на тие работи мене стварно не ми е јасно, но зачудува нивната подготвеност да копираат лоши примери и да седнат со секого на маса само за да си ја зачуваат власта, па така некој од министер за смрт по само еден ручек им стана партнер и надежен демократ со некакви си „силни демократски“ вредности.

Дали со ваква опозиција Македонија може да очекува промени? Може ли Мицкоски да го ,,симне”  Заев од власт?

Падот на Заев најмногу ќе се случи заради неговата неспособност и неспособноста на Владата која ја предводи, заради катадневното лажење и манипулирање. Народот ќе ја казни најголемата измама во поновата Македонска историја наречена „План за живот“! Во овој момент ВМРО ДПМНЕ и Мицковски треба сериозно да работат и да се подготват за тоа што следува. Мислам дека народот нема да издржи уште едно големо разочарување.

Во Брисел ја пречкртавте Северна. Што се постигнува со ваквото непризнавање на Уставното име? Дали времето ќе ги ,,избрише” вжештените стрaсти и полека ќе се прифати Република Северна Македонија?

Никогаш нема да го прифатам криминалниот начин и политичкото насилие со кое беше сменет Уставот на Република Македонија и ќе се борам против тоа. Во суштина во Брисел јас го направив тоа што сум го правел многу пати претходно, само што претходно го шкртав ФИРОМ и пишував Република Македонија, сега ми е полесно, го шкртам северна, Република Македонија останува.

Европската Унија има пет основни постулати на кои се темели и тоа владеење на правото, демократија, еднаквост, човекови права и човеково достоинство. Со прешкртувањето само сакав да им покажам на пристуните дека бадијала зборуваат за ЕУ и вредностите на ЕУ се додека не почнат да ги почитуваат овие пет основни постулати.

Дали во битката за власт изгубија македонците, а многу повеќе добија албанците  како етникум?

Никогаш не сум сакал да ги правам тие поделби и нема да ги правам. Единствената вистина е дека најмногу изгуби Република Македонија, а добија политикантите кои ако не беа сервилни на политичките лидери никогаш немаше да станат ниту претседатели на куќни совети, а не па министри или директори на јавни установи и претпријатија!

Дали Самоил Малчески во иднина се гледа во Република Северна Македонија? Дали вашите деца ќе останат да живеат во земјава за која се ветува дека многу брзо ќе биде дел од Европското семејство?

Прво сакам јасно и гласно да кажам дека јас својата иднина не ја гледам во Република С. Македонија, својата иднина и иднината на своите деца ја гледам во Република Македонија. Што се однесува до членството во Европската Унија мое мислење е дека тоа е една голема лага со која актуелната власт сака да ја прикрие својата неспособност, корупција, непотизам, криминал итн. Со овој интензитет на реформи и со се што спомнав претходно Република Македонија уште долго ќе мора да почека за членство во ЕУ.   Доколку не ми верувате, само внимателно прочитајте ги пораките кои пристигаат од Брисел.

Извор: Лидер


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top