Манчевски наспроти Мицевски: Ако нема вонредна состојба и избори, ќе нема ни кој да ја води државата

За разлика од потпретседателот на СДСМ, кој во дебата на ТВ 24 предупреди дека е голем ризик изборите да се остават за есен, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговата партија останува на четирите услови..

Преголем ризик е изборите да ги оставиме за есен, затоа што, ако не биде продолжена вонредната состојба, ќе останеме без Собрание, а ниту Владата веќе нема да може да носи уредби со законска сила. Така ќе бидеме доведени во ситуација да правиме уставни преседани, предупреди вечерва на ТВ 24 потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, наспроти координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој тврди дека 21 јуни е „реално и физички неостварлив“ како датум за избори.

„Не сме само ние. Хрватска и Србија закажаа избори. Неодговорно е тоа да се остави за крајот на август или септември, кога сите очекуваат нов бран на новозаболени. Нашето здравство, на почетокот на епидемијата, прогнозираше пик со 2 000 заболени, но ние не ја достигнавме таа бројка, што е потврда дека добро сме ја изменаџирале ситуацијата,“ рече Манчевски.

Според него, беше логично да се собере Собранието, затоа што, како што оцени, колку подолго трае оваа ситуација, толку тоа е полошо.

„Се уште постои можност да се договориме додека трае вонредната состојба до крајот на мај. Ако не продолжи вонредната состојба и не се одржат избори, се ставаме во ситуација да нема кој да ја води државата , нема ни Собрание, ни влада. Од законски аспект, во моментот кога ќе заврши вонредната состојба, треба да продолжат изборите онаму каде што запреа. Прашање е кога ќе заврши вонредната состојба и ние затоа сметаме дека имаме простор да донесеме одлука со консензус. Факт е дека имаме различни ставови, но убеден сум во компромис, затоа што ризикот е преголем“, изјави Манчевски.

Пратеникот Мицевски, пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ останува на претходните четири става околу изборите, иако, во меѓувреме, со свои мислења се јавија и Комисијата за заразни болести, и ДИК и ОБСЕ/ОДИХР, по што беше закажана нова лидерска средба, која заврши без договор за нов изборен датум.

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ сака избори час поскоро, предложивме план како да се дојде до датум

„Датумот кој беше фиксно предложен од Заев е реално и физички неостварлив. Во интерес на државата е да има датум кога ќе нема опасност за здравјето на граѓаните. Тогаш може да има фер избори, мониторирани од набљудувачи, што е неостварливо во моментов“, рече Мицевски во гостувањето на ТВ 24.

Тој изјави дека не се согласува со тврдењето на Владата дека ситуацијата е под контрола. Според него, „неконтролата“ на граничните премини на почетокот на кризата и спората реакција на Владата придонеле да дојдеме во оваа ситуација.

„Имаме околу 100 новозаразени или уште околу 10 починати. Она што придонесе за целата оваа состојба е мекиот однос на самиот почеток на кризата од страна на Владата во однос на првото доаѓање на луѓето кои работеа во странство и неконтролата на граничните премини, како и на нивното престојување, односно движење низ Македонија. Тоа ја прошири заразата. Не дека Македонија ќе останеше имуна, меѓутоа спората реакција на Владата и тоа што ситуацијата не беше сфатена доволно сериозно придонесе да дојдеме во оваа ситуација“, рече Мицевски.

Од друга страна, тој смета дека најавениот 58-часовен карантин е многу и дека треба да се земе предвид психолошкиот момент, ако се има предвид дека велигденскиот карантин беше долг и граѓаните реагираа сензитивно.

Во однос на литијата во Струга, Мицевски застана во одбрана на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Манчевски: Чулев придонесува за непочитување на мерките

„Сите го напаѓате Чулев за што и да се случи, за сите ситуации, за прославата на МВР, за случките во Чаир и Сингелиќ… Министерот Чулев на секоја владина седница е единка и неговите барања не може да излезат на површина“, рече Мицевски.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top