Mazedonischen Zustände: Која Македонија “ја издадоа предавниците”, а ја “бранат патриотите”!?!

Колумна на Веле Митаноски.

Не само што живееме, внатрe во земјата,во два дијаметрално спротвставени света (интра и мегуетнички), туку, наогајќи се “на линијата на фронтот” (Кери), така не гледа и светот. Постанавме толку интересни со нашиот неук и неодговорност - кон самите себе си, што и двете спротивставени светски сили, почнаа “да си го мерат” на нас! Не сме далеку од моментот, кога ќе не лансираат, како невидлива точка, таму некаде во црната дупка на свемирот!

Кога рускиот амбасадор во ОБСЕ, Александар Лукашевич ќе напише, а руското МНР ќе пренесе, дека “и покрај волјата на македонскиот народ, некои сили се обидуваат, користејќи го албанското малцинство, на власт во Скопје да доведат политичари кои изгубиле на изборите”, тогаш тоа најмалку личи на повик, како што вели Лукашевиќ, да се ”запре странското мешање во внатрешните работи на Македонија”!

Кога Русија ќе повика да се ”запре странското мешање во внатрешните работи на Македонија!”значи ли тоа дека за Македонија и Македонците, Русија не е странство? Можеби некој и ќе помисли така, ама не треба да заборави дека во Македонија живее и бројно незанемарливо граганство, за кое Рисуја не само што е странство, туку е странство - потака од Куралските острови!

Чудни се патиштата божји! Ние што до вчера кажувавме дека сме Словени, дека сме им ја дале писменоста на Словените – од овде, од кај мене во Охрид, па се Владивосток, денеска сме “предавници”, а оние што бегаа од славјанските корени – во антиката, денеска се “патриоти” и Руси, поголеми и од Путина!? Но тоа е тоа, западот не случајно измислил “македонска салата”, a уште Бизмарк се исчудувал над “македонските состојби” (Mazedonischen Zustände!)

Извинете, ама ова што го напиша Лукашевиќ – лукавиот, како да ми е со веќе познат ракопис? Се некако ми личи, како да го напишал колегата Иво Котевски, лично! Кој, како сака нека мисли, ама јас навистина му честитам на моќта и влијанието-одовде до Кремљ! Инаку, како би можел рускиот дипломат да напише дека “и покрај волјата на македонскиот народ, некои сили се обидуваат, користејќи го албанското малцинство, на власт во Скопје да доведат политичари кои изгубиле на изборите”, ако не се реферирал на “посоките” на амбасадорот, а тој на “ракописот” на мојот пријател, колегата Иво!?

И само што се пошегував со моќта на Иво:“Камо јас да можам да напишам нешто што ќе го објават од "аз" до "ижице", во Брисел, или Вашингтон!”, додека трепнеш, ете ти го одговорот.

Извини Иво, ама како што те "препишуваат" тебе во Москва (преку ОБСЕ), еве и Американците (дипломатски паритетно, нели, пак преку ОБСЕ!), го повторија она што јас “им го напишав” до Вашнгтон: "Како стратегиски партнер и пријател на Македонија, и со целосна почит кон нејзината сувереност и унитарност, САД го повикува Иванов да ја преиспита одлуката, "ме цитираше" американската амбасадорка во ОБСЕ, Кејт Брнс. Ако, не ми веруваш, еве, прашај го нашиот нов "депутат", извини - министерот за надворешни работи Никола Попоски!

Како што Москва е “разочарана од опозицијата во пакет со Албанците”, така и Вашингтон (САД)  “се разочарани од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот за формирање влада на новото парламентарно мнозинство”. Го повика(по незнам кој пат!) “да ја преиспита својата одлука да  го даде мандатот на мнозинството во Собранието, а од соседните држави побара да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во политичката криза!”.

Ете, како што Русите “не се мешаат” во нашите внатрешни работи, така и Американците побараа “немешање од соседните држави!”. Додуша, Русија не ја споменаа, ама знаете како е:”Ашкам те ќерко-сети се снaо!”.

Како што се гледа и од сателит, а не само со голо око, “на линијата на огинот”, над нашите глави и над нашата судбина:“Бију Турци, ама бију и Срби!”.  Ние обичносмртните, немаме моќ да направиме нешто повеќе освен да укажеме на опасностите. Едни ќе не присвојуваат, “ничим предизвикани”, други ќе не одбиваат затоа што не сме на барикадите од “нивната одбрана!”, а ќе се најде и по некој од најдолното криминално дно на општеството, кому до Македонија му е колку “за снегот лански”, ама на улица ќе ти  каже дека ќе не беселе и тоа не “обихновено” - еден по еден на јаже, туку “като џелатите” - на ченгил!?

Е, сега како на овие “јунаци” со “два разреда школо!”, да им кажеш, да го препрочитаат пријателот што ни замина на другиот свет, Петрета М.Андреевски, за да видат што значи да се биде “на линија на огинот”!? Односно на фронтот, на кој, од едниот ров пука Македонец – кон Србите, додека од спротива, пак Македонец, и тоа родениот брат - против Бугарите! Или, да го препрочита Рацина, “Тутуноберачите”, на пример. Да не зборувам за Конески. Како, кога овие џинови, за “патриотиве” се џуџиња! Или: кепеци, што би рекол “велеучениот” Милошовски!

Пред неколку години, полемизирајќи со Тодор Петров, крлежот лабоко вгнезден во телото на македонската дијаспора, во “Утрински весник”, напишав колумна озаглавена: “Мртви, а живи-живи, а веќе мртовци”!? Повод беше неговиот хистеричен и морбиден напад кон Глигоров. Насловот кажува се, а во оваа ситуација, само ќе додадам: Додека денеска некои “учени”, живи гнијат, “македонувајќи”(“лако је бити Србин-тешко је србовати!“), со спортското:“За кого? -за Македонија!”, оние што предмалку ги наведов, продолжуваат да растат и по смрта!

Што ние, всушност, браниме? Ја браниме Македонија, нели? Која Македонија? Истата онаа на која не и дозволуваме да си го доконструира парламентот? Истата онаа, која има пратеници, нема парламент, а пратениците се министри и премиери!?Димитриев изигрува “премиер” во Сараево, во истиот ден, кога Иванов го чини тоа во Баку! Човек да плаче или да се смее: Маја Иванова ја пофалила потпретседателката на Азербејџан Мехрибан Алиева (жена му на претседателот Алијев?!) “за тоа што до сега го направила и ѝ посакала успеси во нејзините идни потфати”,читајте:во продолжувањето на делото на сопругот, кому таткото му го оставие престолот со мандат од 5, овој го продолжи на 7, а Мерхабен да го дотурка, барем до 10 - колку двата мандата на Иванови – заедно)!?

Која Македонија и кои Македонци синоќа Латас и Ивонка, здушно и хорски, ги повикуваа на братоубиствена војна пред парламентот? И што после тоа ќе остане и за кого ќе остане?Ако на ваков начин “ја браниме Македонија”, ние браниме безвластие, безинституциналност, всушност, не браниме ништо освен - привелегии, повикувајќи на хаос и лов во матно! Тоа ли беше пораката со изнесувањето на ловџиите! Па и јас сум 

ловџија, имам дома арсенал колку за една мини-ловџиска група!? “Изненаѓен сам и увреѓен”, што и мене не ме повика!Ако ништо друго, на спортскиот восклик на сограганката Ачкоска:“За кого?” и јас ќе се придружев на ехото:“За Македонија”!!!


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top