Меј очекува брз договор со ЕУ за Брегзит

Британија постигна договор со Европската комисија кој лидерите на земјите членки на ЕУ треба да го одобрат на состанок во недела.

Британија соопшти дека е постигнат договор за време на преговорите во текот на ноќта со Европската комисија за нацрт текстот на политичката декларација, во која се дефинираат условите за „глатко и уредно“ излегување од ЕУ.

Премиерката Тереза Меј пред резиденцијата на Даунинг Стит за новинарите рече дека го брифирала нејзиниот кабинет за договорот и дека ќе следи изјава во Претставничкиот дом, при што ќе бидат соопштени деталите.

Меј рече дека договорот „ја одразува“ волјата на британскиот народ така како што била изразена на референдумот за Брегзит во јуни 2016 година. „Тоа ја враќа контролата на нашите граници, нашите пари и нашите закони, и исто така ги штити нашите работни места, нашата безбедност и интегритетот на Обединетото Кралство.“

Разговорите во текот на ноќта следеа по состанокот на Меј со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. Меј рече дека двајцата ѝм наложиле на нивните преговарачки тимови да работат и во текот на ноќта доколку е потребно, за да се постигне договор.

Договорот треба да биде одобрен од лидерите на земјите членки на ЕУ на посебен состанок на Советот на ЕУ во недела. Меј исто така се соочува со предизвикот да го помине договорот за Брегизит низ нејзиниот парламент, каде многумина сметаат дека тој не оди доволно далеку за да ги прекине врските со континентот.

Во последен момент неделава ситуацијата се искомплицира откако шпанската влада се закани со вето на било каков договор ако не се осигураат идни преговори за Гибралтар, британска испостава која Шпанија ја смета за рамноправен дел од нејзината територија.

Меј, во изјава за новинарите, рече дека во средата навечер разговарала со шпанскиот министер Педро Санчез и дека е „уверена дека во недела ќе се постигне договор за целото Обединето Кралство, вклучувајќи го и Гибралтар.“

Меј води малцинска влада и се потпира на гласовите на десетина пратеници од Северна Ирска кои длабоко се противат на договорот за Брегзит. За да ја покажат својата моќ, тие се воздржаа од поддршка при гласање за буџетот двапати оваа недела.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top