Мелбурн без Азаренка, Вилијамс, Мареј, Нишикори, а можеби и без Ѓоковиќ, Вавринка...

Белорусинката Викторија Азаренка е последната во низата познати тенисерки што нема да настапи на првиот годинашен тениски гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн (15-28 јануари)..

Двократната шампионка во Мелбурн, во 2012 и 2013 година, води судски спор околу старателството на својот син и поради тоа нема настапувано на ВТА-турнири од Вимблдон лани во јули.

Организаторите најавија дека нејзината вајлд-карта ќе ѝ ја доделат на Ајла Томљановиќ. Претходно од настап и одбрана на титулата во Мелбурн се откажа Американката Серена Вилијамс (36), бидејќи уште не е најдобро подготвена по раѓањето на ќерката во септември 2017-та. Вилијамс, која лани до седмата титула во Мелбурн стигна без загубен сет, има 23 гранслем-победи, само една помалку од рекордните 24 (11 се во Мелбурн), на Австралијката Маргарет Корт.


Во Мелбурн поради повреда нема да настапи Британецот Енди Мареј, ќе го нема и Јапонецот Кеи Нишикори, па Бернард Томиќ, а уште не се сигурни ниту Новак Ѓоковиќ, Стен Вавринка, Рафаел Надал, Гарбине Мугуруза, Џоана Конта.


Од друга страна, пак, организаторите најавуваат дека безбедноста на тенисерите и на илјадниците гледачи на трибините им е главен приоритет.


- Нашата цел е „Мелбурн парк“ да биде најбезбедното место во јануари. Поминавме многу време со безбедносните агенции, со федералната и со државната полиција и мислам дека од безбедносен аспект, сѐ ќе биде како што треба - вели директорот на турнирот Крејг Тајли.


Организаторите очекуваат околу 800.000 посетители, плус околу 300.000 на забавите што ќе се организираат во околината на тениските терени. Лани на пример во првата недела бројката на гледачите првпат во историјата беше над 500.000 (503.382). Преку ТВ-екраните тениските возбудувања во Мелбурн ќе ги гледаат над една милијарда луѓе во светот.


Првиот турнир во Мелбурн е одржан во 1905 година, како Австралазија шампионат. Во 1927 година го менува името во Австралија шампионат, а во 1969-та го добива сегашниот назив Австралија опен. Од 1988-та натпреварите се играат на тврда подлога, а од 2001 година победниците во машка и во женска конкуренција добиваат идентични парични награди. Годинава вкупниот награден фонд ќе изнесува 42,4 милиони американски долари, а победниците ќе инкасираат по 3,11 милиони, што е зголемување за 10 отсто во споредба со 2017-та.


Титулата од лани, вкупно петта, ќе ја брани Швајцарецот Роџер Федерер, кој е единствениот со по најмалку пет титули од три различни гранслем-турнири (пет во Мелбурн, пет во Њујорк и седум во Вимблдон). Првата титула во Мелбурн тој ја освои во 2004 година, а последната лани, по 13 години, што е најдолг период во историјата на турнирот.


Австралиецот Кен Розвел е најмладиот победник во Мелбурн, кој ја освоил титулата на 18-годишна возраст во 1953 година, а Швајцарката Мартинс Хингис е најмладата шампионка, со 16 години, во 1997-та.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top