МЕЛБУРН: ЕДНА ЕДИНСТВЕНА Е НАША МАКЕДОНИЈА

Поддршка од Организацијата Македонија на Македонците од Австралија до нашите браќа и сестри Македонци и до Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.

Ние Македонците од Австралија, силно ги поддржуваме мирните, достоинствени и масовни протестни маршеви, кои со денови, континуирано се одржуваат во многу градови во Република Македонија и на кои, десетици илјади правдољубив народ, со денови го изразува големиот гнев, револт и загајленост за состојбата во која е втурната наша Македонија. Даваме огромна поддршка на цврстата решеност и неотстапност во битката да не се дозволи душмани и било кој друг да ја дели и редефинира унитарна Македонија.

Порачуваме - По никоја цена не смее да се дозволи промена на името, обезличување и исчезнување на македонскиот народ, воведување двојазичност на целата територија без никаква основа и причина, кантонизација и погром на татковината.

Македонија постои со милениуми, а ќе постои и во сите идни векови. Изразуваме поддршка на државничкиот потег на претседателот на РМ Ѓорѓе Иванов, кој и покрај огромниот притисок што се врши, остана и да остане на дадената реч. Да му се одземе мандатот на анти-Македонската влада на Зоран Заев и СДС што доделува и крои на основа на Тиранската платформа пишувана во туѓата држава Албанија. Ние Македонците не го прифаќаме договорот со Бугарија за добрососедство бидејќи тоа е одземање на нашата историја и идентитет. Нема да дозволиме нашите Македонски војводи и нивните дела да бидат продадени на Бугарија како што Заев и неговата анти-Македонска влада сака тоа да го прави. Продажбата на историјата е неприфатливо за секој Македонец.

Ги охрабруваме нашите браќа и сестри во татковината, истрајно и храбро да го поминат и ова премреже, ова тешко време, и да се добие и оваа битка за опстанок и за утрешна силна и просперитетна Македонија. Бидејќи, македонскиот народ нема друга татковина. Наш заеднички дом е оваа единствена, суверена, самостојна, горда и храбра наша Република Македонија.

Мелбурн, 30 март 2018

Организација Македонија на Македонците



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top