Мемети: Почитувањето на човековите права е императив за сите нас

Денеска е Меѓународен ден на човековите права.

Денешниот ден, 10. декември се слави како Меѓународен ден на човековите права. По тој повод, народниот правобранител, Иџет Мемети, испрати писмено соопштение до јавноста.  

„Почитувањето на човековите права е императив за сите нас без разлика каде сме, што работиме, на која раса или вера и припаѓаме. Тоа е темел на современото заедничко живеење. На ова не учи историјата која многупати досега покажала дека развојот и просперитетот одат заедно со меѓусебното почитување. 

Човековите права се однесуваат на секој поединец и му припаѓаат на секој поединец. Овој ден е добра пригода ние бранителите на човековите права да ги потсетиме сите чинители на општеството дека човековите права и слободи се составен дел на моралната свест на луѓето со што  јасно е дефинирано како треба луѓето да се однесуваат едни кон други и дека истото го очекуваат од државата.

Но, овој ден е можност да се упати порака дека секој граѓанин без разлика на која социјална категорија и припаѓа, каква и да му е бојата на кожата, во која религија верува, заслужува достинствено да живее, да биде почитуван од другите без никакви предрасуди. 

Човековото достоинство претставува сплет од неколку фундаментални човекови вредности и тоа живот, слобода, сопственост, еднаквост, правда. Оваа година денот на човековите права е во духот на јубилејот 20 години од востановувањето на Високиот комесар за човекови права. Тоа значи дека денот е посветен на сите оние кои од различни причини, конфликти, сиромаштија, елементарна непогода, не се во можност да си ги остварат своите права. 

Тоа се илјадниците деца од Африка кои не ја уживаат минималната здравствена заштита, бегалците од Сирија кои живеат надвор од своите домови и сите оние кои имаат слични судбини. 

На сите овие лица Меѓународната заедница треба час поскоро да им помогне затоа што има едно правило кога станува збор за човековите права, а тоа е правилото дека човековите слободи и права мора да се почитуваат во сите времиња и во сите услови“ -  вели Мемети во соопштението.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top