Меркел на Путин му понуди дипломатска помош за решавање на кризата со Украина

Германската канцеларка Ангела Меркел за време на разговорот со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на самитот Г20 во Буенос Аирес изрази загриженост поради настаните кај Керченскиот теснец, изјави нејзиниот портпарол..

Двајцата лидери се договориле да ги продолжат разговорите за тој проблем. Во нив ќе учествуваат претставници на Украина, Русија, Франција и Германија, изјави портпаролот.

Тензиите меѓу Русија и Украина ескалираа откако Русија минатиот викенд зароби три брода на украинската морнарица и нивните екипажи откако се обиделе да минат низ Керченскиот теснец, меѓу Црното и Азовското Море.

Русија одбива да ги ослободи 24-те морнари, од кои тројца се повредени, и тврди дека тие нелегално влегле во руски територијални води.

„Канцеларката уште еднаш јасно кажа дека е загрижена поради ескалацијата и дека се залага за слобода на пловењето во Азовското море“, изјави портпаролот Штефан Зајберт. Таа на рускиот претседател му понудила дипломатска помош за решавање на најновата криза меѓу Москва и Киев.

Зајберт кажа и дека Меркел и Путин разговарале и за состојбата во Сирија и дека се сложиле дека треба да се вложи многу повеќе напор за примена на договорот постигнат за таа криза меѓу Германија, Франција, Турција и Русија на самитот одржан во октомври во Истанбул.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top