Меркел подготвена на болни компромиси, за да има коалиција

Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави денеска дека нејзините конзервативци се подготвени да направат болни компромиси, за да постигнат коалициски договор со социјалдемократите што ќе ја изведе Германија од политичкиот ќор-сокак, пренесе Ројтерс..

„Секој од нас ќе треба да направи болни компромиси и јас сум подготвена за тоа“, изјави Меркел пред новинарите пред почетокот на новата рунда на преговори меѓу социјалдемократите и конзервативците, кои сакаат оваа недела да ја финализираат четиригодишната управувачка програма.

„Кога ќе го погледнеме движењето на берзите во последните часови, гледаме дека живееме во бурни времиња и она што се очекува од нас како народни партии… Е да составиме влада за доброто на луѓето – таква што ќе носи стабилност“, додаде таа.

Лидерот на социјалдемократите Мартин Шулц изрази оптимизам, пристигнувајќи на преговорите, пренесува ДПА.

„Имам сериозни причини да мислам дека ќе завршиме денес, се надевам на позитивен дух и добар резултат за нашата земја“, рече тој.

Социјалдемократите и конзервативниот блок на Меркел – ЦДУ / ЦСУ, продолжуваат да преговараат за формирање на нова влада, откако не можеа да се договорат и покрај продолжувањето на крајниот рок од викендот.

Местото на преговорите беше променето и сега тие се водат во главната канцеларија на ЦДУ, откако претходниот ден беа во седиштето на социјалдемократите.

Партиите успеаја вчера и завчера да постигнат договор во многу области, вклучувајќи домувањето, кириите и дигитализацијата, но не можеа да се договорат за здравство, пазарот на трудот и надворешната политика.

Ако денес постигнат договор, се очекува утре да ја поднесат раководната програма и распределбата на министерските места.

Денес истекува крајниот рок за регистрирање на нови членови на социјалдемократите за учество во гласањето, за одобрување на новата коалиција со конзервативците. Сите нови членови, регистрирани до 18 часот по локално време, ќе имаат право да учествуваат во гласањето за раководната програма, договарана во моментов од социјалдемократите и конзервативците.

На почетокот на годината социјалдемократите имале 443.152 регистрирани членови, но кон партијата се приклучија уште илјадници, од кои многу се против обновување на т.н. голема коалиција, која владее со Германија од 2013 година.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top