Mерко добил три пати поголем буџет на блокирана сметка на Општината

Антикорупциската комисија ќе поднесе иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за да се утврди дали тој незаконски трошел државни средства спротивно на јавниот интерес и на законите..

Мерко минатата година со пари од општината се поднови со ново возило Ауди А6 за 66. 000 евра кое го користи тој како градоначалник на општината, а набавени се уште четири возила за општината во вкупна вредност од 114 .000 евра. Луксузирањето со пари од граѓаните се случува кога сметката на општината е блокирана и Струга должи 4 милиони евра.

Нури Бајрами член на Антикорупциската комисија кој го истражувал работењето на Мерко по написите во јавноста дека блокираната општина троши на автомобили, рече дека во писмената изјава што ја испратил градоначалникот Мерко навел дека новиот автомобил му бил потребен затоа што се воздржувал од патувања на многу важни состаноци оти му било срам да каже дека општина како Струга нема возило за патување со високи перформанси кои ќе ја гарантираа безбедноста на градоначланикот. Исто така, градоначалникот во писмениот допис навел и  дека возилата во општината биле застарени, а Аудиото што тој го нарачал но во претходниот мандат, било од 2010 година и требало ново. Токму таа 2010 година на општина Струга и ја блокираат сметката.

Буџетот на општината бил изгласан на седница на Советот на 28 декември 2017 година и ниту еден член на Советот немал забелешки за купување на возилата. Буџетот бил изгласан со 14 гласови „за“, ниту еден „против“ и 10 воздржани.

Во истиот тој буџет, советниците изгласале да се купат два „пајаци“ за општината, но половни кои чинеле колку луксузното возило на Мерко.

„Со парите за аудито можел да купи два пајаци – половни“, рече Бајрами.

Црно ауди со кожен волан, автоматик…

Огласот за купување на Аудито бил објавен на 26. февруари 2018 и во него биле наведени следниве спецификации: да има кожен волан, боја црна, сензор за дожд, автоматско затемнување на внатрешниот ретровизор, алуминуимски тркала, фабрички вграден навигациски систем. Се барала и опција за безжично поврзување со мобилен телефон, автоматска паркинг-сопирачка, клима уред со одделни температурни зони на задните седишта, лед предни светла, автоматски менувач и да биде со најмалку 140 киловати.

На огласот не стигнала ниту една пријава и тој бил поништен. Огласот по вторпат е објавен на 15 октомври 2018 и склучен е на 28 ноември 2018 година. Инаку општината веќе располагала со  седум други возила за кои во преходните години биле исплатени 200 000 евра.

Од Антикорупциската комисија во пријавата се повикуваат и на податоците од Центарот за граѓански комуникации – дека општината има застарени противпожарни возила – две од нив се стари половина век, а најновото е произведено од 1992 година.

Судот во Струга за три пати му го зголемил буџетот на Мерко

Сметката на општина Струга е блокирана во вториот мандат на Мерко, во август 2010, во врска со враќање на кредитот на ЕБОР земен преку Министерството за финансии. Оттогаш надлежниот Суд во Струга носи решенија за утврдување на минималните средства кои треба да ги добие месечно општината за да може функционира во интерес на стружани. Овој износ седум години по ред бил непроменет и изнесувал околу 270 000 евра месечно, а врз основа на решение и пресуда од Судот во Струга дека општината има висок долг кој мора да го врати на државата.

Но, Мерко на 16 ноември 2017 година бара овој минимален износ да се зголеми и претседателот на Судот носи ново решение со кое овој износ се зголемува на 800 000 евра, што на годишно ниво е поголемо и од самиот буџет на општината. Со ова, забележува ревизорот во својот Извештај за работењето на локалната власт „општината непречно функционира, прави нови долгови, а не ги враќа старите, со што и го зголемува  долгот за камати“.

Судот во решението за зголемување на месечниот износ навел дека овие пари и се потребни за општината за се справи со депонијата и загадувањето на животната средина, но како што произлегува од Извештајот на Државниот завод за ревизија, проблемот со депонијата и заштитата на животната средина се уште не е решен.

Од Антикорупциската комисија велат дека е несфатлива ваквата промена на ставот на истиот претседател на струшкиот суд и се сомневаат дека се работи за политичко влијание. Бајрами од Антикорупциската комисија најави дека тие како Комисија ќе поднесат претставка до Судскиот совет и ќе побраат од нив да испитаат зошто Судот во Струга му дал трипати зголемен буџет на Мерко кога знаел дека сметката е блокирана, а долговите не се враќаат.

Мерко е третпат градоначалник на Струга. Тој беше градонаначаник на Струга од 2005 до 2009, а потоа и од  2009 до 2013.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top